Обвинет за лажно сведочење – На Курц му се заканува до три години затвор

Поранешниот канцелар, кој во 2017 година стана најмлад шеф на влада во светот, инсистира дека е невин и дека не направил ништо погрешно. Но, против Себастијан Курц е поднесено обвинение во Виена за давање лажна изјава во парламентарна истрага во 2020 година. За ова соопшти австриското обвинителство.

Ако биде осуден, а судењето ќе почне во октомври, Курц се соочува со тригодишна затворска казна, исход што сигурно ќе стави крај на неговата политичка кариера. Исто така, осудителна пресуда ќе фрли сенка на неговата Народна партија, која е на власт од 1987 година.

„Едвај чекам да излезе вистината на виделина и обвинувањата да бидат докажани како без основа на суд“, одговори Курц на социјалните мрежи.

Обвинението се однесува на сведочењето на Курц пред парламентарна комисија во јуни 2020 година. Прашан од пратениците да ја опише својата улога во назначување на еден од неговите најблиски соработници Томаш Шмит на чело на државна компанија, Курц одговори дека бил информиран, но не бил директно вмешан.

Но, пораки од Ватсап сугерираат поинаку, исто како и Шмит, кој е крунски сведок на обвинителството.