Ердоган и Вучиќ согласни – Односите помеѓу Турција и Србија напредуваат во позитивна насока

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, се состанаа вчера во Будимпешта, главниот град на Унгарија, известува Анадолу.

Вучиќ по средбата, на социјалните мрежи објави дека за Србија е многу битно да одржува најдобри можни односи со Турција.

„Секогаш е важен и отворен разговорот со Реџеп Таип Ердоган за актуелните билатерални и регионални прашања. За нас е битно да одржуваме најдобри можни односи со Турција, а оваа средба е уште еден чекор во правец на јакнење на веќе добрата српско-турска соработка на сите полиња кои се од заемен интерес. Разговаравме за важноста на сочувувањето на мирот и стабилноста во регионот, каде сметаме на конструктивниот ангажман на Турција, како еден од највлијателните меѓународни фактори во овој дел од светот“, наведе Вучиќ на својот профил на Инстаграм.

Вучиќ ја имаше средбата со Ердоган на маргините на прославата од Денот на државноста на Унгарија.

Билатералните врски меѓу Турција и Србија напредуваат во позитивна насока, а стопанските и економските односи се развиваат во силен замав. Советот за соработка на високо ниво на Турција и Србија е основан во 2017 година.

Наведувајќи дека Србија ја смета за клучна земја во однос на мирот и стабилноста на Балканот, Ердоган изјави дека односите меѓу Турција и Србија достигнале највисоко ниво во нивната историја.