Кој е Тарцан? – Партизанот што бугарските фашисти пет пати го осудиле на смрт

ТРАЈКО БОШКОСКИ – ТАРЦАН е народниот херој, роден на 12 јуни 1918, во селото Голем Радобил, Прилепско. Тој е македонски револуционер, борец против фашизмот и е прогласен за народен херој.

Основно училиште и прв клас гимназија завршил во Прилеп, а потоа на 14 годишна возраст, од 1932 почнува да работи како дрводелец.

Кон крајот на летото 1937 година заминува за Белград. Се вклучил во тамошното студентско-работничко движење и почнува да се дружи со напредните Македонци кои студирале во Белград во тоа време. На 26 ноември 1938 година станува член на КП.

Во 1940 година се вратил во Прилеп. На 2 август 1940, Тарцан ќе биде учесник во Илинденските демонстрации кои биле одржани во Скопје, Прилеп и Охрид, а биле организирани од Методија Андонов Ченто, Орце Николов и Кузман Јосифовски Питу.

Со Илинденските демонстрации Македонците барале реформи и поголеми права за Македонците во тогашното кралство Југославија (претходно познато како кралство СХС), а едно од главните барања било македонските деца да учат на македонски јазик, а не на српски на кој што до тогаш учеле.

Тарцан ќе одржи два забележителни говори на демонстрациите, по што ќе биде уапсен од тогашната српска власт. Во декември 1940 година е осуден на шест месеци затвор.

Ослободен е пролетта 1941. По фашистичката окупација на Македонија, српскиот режим бил заменет со бугарски фашизам. Тарцан е меѓу првите борци против бугарските окупатори и еден од седумте први прилепски партизани, кои на 12 септември 1941, во месноста Будимаш на Селечка Планина, ја формираат првата партизанска чета во Вардарскиот дел на Македонија.

Тарцан е избран за политички комесар на четата, а подоцна бил политички комесар и на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“. На 8 октомври 1941 год. Тарцан е опколен во една куќа во Прилеп, но успева да се пробие низ непријателскиот обрач, при што убива еден бугарски полицаец.

Тој е еден од организаторите и учесниците во нападот врз бугарскиот полициски участок во Прилеп, на денот на востанието на 11 октомври 1941. Бил член и инструктор на ПК на КПЈ за Македонија од декември 1941, а потоа бил политички комесар на Покраинскиот оперативен штаб од април 1942.

Бугарските воени фашистички судови 5 пати ќе го осудат на смрт Тарцан, и бугарските фашисти почнале да трагаат по него и под дрво и под камен. По формирањето на Велешкиот одред „Димитар Влахов“ во септември 1942 година, бил избран за негов политички комесар.

При една организирана потера на окупаторот, Тарцан е тешко ранет на Божик 1943. Соборците го оставиле во една колиба кај селото Сливник, Велешко, мислејќи дека тука ќе биде на сигурно додека дојде помош, затоа што не можел да се движи. Но бил предаден.

На 8 јануари 1943 бугарските фашисти ја опколиле колибата, но Тарцан почнал да пука и не им дозволувал на напаѓачите да се приближат. Во нерамна борба ги испукал сите куршуми освен последниот.

Со него Трајко Бошкоски Тарцан ќе ги положи своите 25 години на олтарот на тогаш поробената Македонија.
Никогаш да не го заборавиме Тарцан.

ВЕЧНА ТИ СЛАВА МАКЕДОНСКИ ЈУНАКУ!