Л.И. Рацин: Коминтерната македонското национално прашање и Рацин – сведоштво на Станисавлевиќ

По повод 2-ри март, денот кога е формирана Комунистичката Интернационала во 1919 година, попозната како Коминтерната или Третата Интернационала, како сојуз на анти-империјалистичките леви партии од светот, сојуз кој за време на своето постоење ќе успее да помогне бројни успешни работнички, анти-колонијални и анти-империјалистички движења и други борби на различни народи за нивно национално ослободување, ви пренесуваме сведоштва на Мито Станисавлевиќ за учеството на нашиот најголем револуционер и поет, Коста Солев Рацин, како единствен делегат од Македонија на Четвртиот конгресот на КПЈ, чиј технички секретар бил токму Станисавлевиќ.

Имено, овој Конгрес е одржан во ноември 1928 година во Дрезден, чиј главен организатор бил Ѓуро Ѓаковиќ, и на овој конгрес, покрај дваесет и двајцата делегати од Југославија, учество земале и претставниците на Коминтерната.

„Се сеќавам, кога се говореше за актуелната политичка ситуација во Југославија, кога се даваше оценка и кога се одредуваа насоките за понатамошната борба на Партијата, зеде збор и Кочо Рацин, под име Димитров. Потресни беа неговите зборови. Тој стана, започна тивко, подоцна внесувајќи го својот младешки темперамент. Тој успеа да нè пренесе во Македонија, во земјата во која во тоа време, положбата беше страшна и беснееше невиден терор. Рацин сликовито ги прикажуваше: тешката економска положба на македонскиот селанец и работник, теророт што се спроведува врз нив, крстосувањето низ македонската земја на бугарски и српски чети и албански качачки банди, оставајќи зад себе запалени села и масовни убиства на невиното население. Тој своето излагање го поткрепуваше со податоци, што правеше посебен впечаток. Наедно со тоа, Рацин ја нагласуваше борбената готовност на работничката класа и на демократските сили, наведувајќи ги многуте акции што се спроведуваа, иако под многу тешки услови. Тој зборуваше и за национално-ослободителната борба на македонскиот народ, поврзана со класното работничко движење на Комунистичката партија. 3боровите на Рацина уште еднаш пластично ги видов во документациите — материјалите што беа изложени на изложбите во Берлин „Белиот терор во Југославија” во 1929 година.

“Оттука, слободно може да се каже дека, овој подвик на Рацин пред двајцата претставници од Коминтерната ја дава потребната инспирација и идејна иницијација, за подоцна, во 1934 година, Коминтерната да донесе Резолуција „за македонската нација и македонскиот јазик“, којa, како службен политички документ, претставува меѓународна афирмација и признавање на македонска нација, македонска национална свест и македонски јазик од страна влијателната меѓународна организацијана за прв пат во историјата.