Предизвикот на преведувањето на книжевниот великан Толкин во КИЦ

На 16 мај (четврток), со почеток од 19:19 часот, во Салон 19:19 во КИЦ, ќе се одржи несекојдневен настан посветен на преведувањето на енигматичниот „Силмарилион“. Со двете одлични и искусни преведувачки, авторки и познавачки на магичната литература – Ирена Јурчева и Мерсиха Исмајлоска, предводени од авторката и лекторка Виолета Танчева-Златева, ќе ги расчистиме јазичните и стилски дилеми и многуте предизвици што се испречуваат на патот на преведувачите кога ги пренесуваат на нашиот јазик и во нашиот културен контекст фантастичните идеи на големите книжевни великани каков што е Толкин.

Во фокусот на оваа своевидна работилница за преведување ќе биде преводот од Ирена Јурчева на култното дело „Силмарилион“. Токму поради Толкиновата богата имагинација, посебниот јазик и речник, заедно со цел свет измислени суштества, потребен е сериозен преведувачки и толкувачки пристап на ова фантастично и капитално дело на светската литература.

Никола Коларовски, пак, изведувајќи филмски нумери на пијано, ќе придонесе да се чувствуваме како да сме излезени од некоја сцена од оваа книга. Без разлика дали сте преведувач, книжевник, обичен читател, самовила или елф, загарантирана ви е незаборавна вечер.