Изложба „Скопје- градот Феникс“ во Музејот на град Скопје

Во среда 26 јули со почеток од 20 часот во Музејот на град Скопје ќе се отвори изложбата „СКОПЈЕ – ГРАДОТ ФЕНИКС“

Изложбата „СКОПЈЕ – ГРАДОТ ФЕНИКС“ е по повод 60 години од катастрофалниот земјотрес кој се случил во Скопје на 26 јули 1963 година. Организатор е Музејот на град Скопје. Автор на изложбата е Зоја Богдановска, кустос советник историчар во Музејот. Изложбата ја раскажува приказната за катастрофалниот земјотрес во Скопје од 26 јули 1963 година. Животот во градот непосредно по земјотресот и сето она што ќе следи во првите месеци по катастрофата, е раскажано на паноата и преку изложените музејски предмети и материјали. Посебен дел е посветен на меѓународната манифестација „Средба на солидарноста“, еден исклучително значаен настан за градот Скопје во 1960-тите години на 20 век. Застапени се и бројните меѓународни спортски настани одржани во знакот на солидарноста, во периодот по 1963 до 1981 година.Во соработка со Сеизмолошката Опсерваторија при ПМФ, УКИМ – Скопје, е подготвено сеизмолошко катче, каде посетителите имаат можност да ѕирнат во тајните на сеизмологијата.

Ќе биде поставена до крајот на месец август. Влезот е слободен.