Како го достигнавме дното?

  • Став на Виолета Аврамоска – Советник од Левица во Општина Охрид

Додека двете олигархиски партии СДС и ДПМНЕ, како и нивните традиционални коалициски партнери, познатите борци за човекови права, интегративците од ДУИ, ни продаваат магла и ни ја раскажуваат бајката за евроинтеграциите, ние, народот на Република Македонија, несвесни го достигнавме дното. Со променето име, со изгубен идентитет, со продадена историја, уценети од бугарските и европските неофашисти, им дозволивме на нашите измеќари да ни го згазат достоинството.

Поделени по секоја основа, партиска, национална и верска, наместо за нашите човекови и работнички права, станавме ревносни борци за заштита на нивниот капитал, (гласајќи ги на избори), создаден од потта на работникот и обичниот чесен човек и криминалот на нивните корумпирани функционери. Потонати финансиски, борејќи се секојдневно да обезбедиме гола егзистенција, кога средната класа веќе исчезна, останаа само мал процент екстремно богати, корумпирани политичари и огромниот процент сиромашни, кои се наоѓаме на последното скалило од социјалната скала.

Наеднаш ни се случи пандемијата. Се’ она што со децении се обидуваа да го сокријат како ѓубре под тепих, излезе на виделина.Станавме свесни дека ни оддалеку не сме сите еднакви во државава, ниту во системот кој го градат. Се соочивме со руините од јавното здравство и со нарушеното човеково право на здравствена заштита.

Додека богатите се лекуваа во приватните профитерски клиники, сиромашните умираа во болничките ходници, во нечистите болнички соби, во опожарените модуларни болници, за кои единствен виновник беше кабелот, а не профитерот кој ги изградил.

Скршени од болка, секојдневно родители молат за помош за лекување на своите деца, болните од ретки болести молат за лекови кои живот им значат, дијабетичарите молат за ленти, пазете, за обични ленти за мерење шеќер во крвта, а родителите на дечиња болни од дијабетес, молат да им се овозможи обезбедување на потребните апарати кои ќе им го олеснат животот на нивните деца.

И гледај, каква сензација, Министерот за здравство Фатмир Меџити , на состанок ги сослушал барањата на лицата со дијабет и искажал целосно разбирање за нивните барања и предизвици со кои се соочуваат. Пази те молам.
Па кој сте вие бе министре за да искажете разбирање? Зарем нашето здравје зависи од вашето разбирање и од вашата добра воља?

Зарем треба да протестираме за да си го вратиме нашето изгубено човеково право на здравствена заштита? Тоа не е ваша добра воља, туку обврска. Обврска ви е да обезбедите соодветен лек за секој граѓанин на Република Македонија, бидејќи вие и сите функционери како вас, ве плаќаме ние, читај НАРОДОТ.

Зарем ова е вашето бесплатно здравство за сите? Зарем ова се вашите европски вредности ? Зарем ова е вашиот возвишен капитализам, наспроти ,, мрачниот ” социјализам во кој секој човек имаше право на здравствена и социјална заштита?

Ако во Република Македонија здравството стана привилегија на богатите, животот и здравјето можат да се купат со пари во профитерските приватни клиники, кои лесно можат да се национализираат, ако имаме класна раслоеност како никогаш до сега, време е да се освестиме и да не им дозволуваме поделби со кои лесно можат да не’ ограбуваат и манипулираат.

Тие се нашите класни непријатели и единствената поделба која треба да ја направиме е КЛАСНА ПОДЕЛБА.