Германците ја декриминализираа марихуаната

Граѓаните во Германија од 1 април ќе можат под одредени услови да одгледуваат, купуваат, продаваат и да консумираат марихуана со усвојувањето на новиот закон за декриминализација на поседувањето канабис.

Јавната, политичката и законодавната дебата за декриминализација на поседувањето канабис во Германија траеше со години. Имено, откако помина низ двата Дома на парламентот, контроверзниот закон беше потпишан во средата. Но, тоа не го направи претседателот Франк-Валтер Штајнмајер, кој е на одмор, туку претседателката на Бундесратот Мануела Швезиг.

Налогот за печатење на официјалното соопштение е издаден, соопштија од кабинетот на претседателот.

Ова ја уништи надежта на опозицискиот демохристијански блок дека претседателот ќе одбие да го потпише усвоениот закон, што беше последната можност за одложување предвидена со германскиот устав. Имено, шефот на државата може да оцени дека некој закон е спротивен на уставот и да го врати во парламентот.

Според новите прописи, на возрасните им е дозволено да поседуваат до 25 грама канабис за лична употреба во јавност. Во сопствениот дом, дозволено е да одгледуваат до 3 растенија и да поседуваат до 50 грама марихуана за лична употреба.

Потрошувачката останува забранета во училиштата, во спортските објекти како и на 100 метри од тие објекти.