Итроштина или лудило
Пишува: Славко Митевски – член на Советот на општина Карпош од Политичката Партија Левица
Јас како член на советот на општина Карпош при моето кандидирање очекував дека ќе се случуваат неправди, подметнувања, уцени и слични активности што ќе имаат за цел да задоволат само мал број на граѓни но и голем дел од одредени бизнис кругови кои треба да се збогатат на сметка на останатите граѓани. Наивно се надевав дека градоначалникот и сите советници ќе работат и ќе ги штитат интересите на граѓаните на Карпош и дека општината во која сум роден пред скоро 57 години ќе биде место за пристојно живеење како што го паметам уште од дете. Но ете и со мојата возраст и сета моја наивност успеав да се разочарам во луѓето и политиките на одредени партии.
Ова што се случува во Општината Карпош ги надминува сите мои негативни очекување. Градоначалник, кој што никаде во својата програма нема дека ќе донесе околу 50-тина нови ДУП-ови со нови (по слободна проценка) 20 000 новодоселени жители или плус третина од сегашното население, упорно се труди да го уништи и она малку простор за дишење во Карпош под изговор дека општината мора да се шири и напредува што е ноторна глупост да општина со прилично мала површина го распродаде и изгради секој милиметар од своето земјиште.
Тука е и администрацијата во општината која удавена во својот страв да не ја изгуби работата која најверојатно не ја ни добила според квалитет туку по партиска линија (чест на исклучоците, знаат на кои мислам), толку му удоволува на итриот градоначалник што можете да помислите во момент дека тие се оние кои му ги даваат идеите, како да се измамат граѓаните и заобиколат советниците за да си ги задоволат личните интереси и интересите на погоре наведените. Како инаку да го протолкуваме напуштањето на службите, а посебно службата за поддршка на советот на среде седница кога градоначалникот реши да си замине и одбивањето да се спремат одлуките кои советот едногласно ги донесе.
На крај тука се и советници и цели советнички групи кои лутаат во своите ставови и одлуки кои само му одат „наволејка“ на градоначалникот во своите лукративни намери.
Запрепастен од се што се случува последниве денови, почнувам да се сомневам во секој па и во повисоки државни органи кои исто така треба да се во служба на народот. Човек веќе не знае од каде да се пази и брани.
Најновите изјави на ДКСК дека има подлога да се распушти советот на општина Карпош во најмала рака се совпаѓа со моите (и не само мои) претпоставки, дека советот, единствениот бастион и единствента пречка коа го штити народот во општината од бетонизација треба да се тргне од патот за градежната мафија и лукративниот градоначаник и сите ДУП-ови да се донесат со што ќе се закопа и обезвредни целиот имот на Карпошани. И сегашните услови за живеење во Карпош се доста тешки, а тие што живеат знаат како е тешко да се најде паркинг место и место во градинка или во некои од осмолетките, но тоа не му е битно на градоначалникот и на администрацијата туку е поважен „напредокот“ на општината со бетонски зданија.
Имено, како е дојдено до тоа, да на крај крив за сите работи е овој Совет изгласан пред година и пол, па тој да биде распуштен и што тоа значи во функционирањето на општината.
Помалку или повеќе се знаеше дека овој состав на советот, пред распаќањето на коалицијата помеѓу ВМРО ДПМНЕ и ГРОМ, нема да ги гласа дуповите кои се се’ само не се хумано планирање на животот во Карпош.
Колку и да се трудеа актерите да придобијат гласови од советниците за изгласување на катастрофалните и помалку катастрофалните ДУП-ови, консталацијата на советот, антагонизмот помеѓу советниците на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, програмската цврстина и конзистентност на советниците на ЛЕВИЦА, агендата на НЕЗАВИСНИТЕ советнички и полтронството на советниците на ГРОМ, ветуваше дека нема ништо од гласање на дупови на штета на граѓаните, особено по распаѓањето на коалицијата помеѓу ДПМНЕ И ГРОМ.
Доаѓам до поентата на написов:
Не сум сигурен дали е така но сега излегува дека гласањето на ДУП-от за бензинската пумпа на Пуцко петрол е само местенка (и мала жртва за да пројдат другите ДУП-ови), на градоначалникот на која наседнаа советниците на ВМРО ДПМНЕ, па тие свикаа вонредна седница, која патем, одби да ја свика претседателот на Советот од Левица и на која одбивме да присуствувавме ние советниците на ЛЕВИЦА не сакајки да дадеме легитимет на нешто што е против законски и уставно. На крајот се испостави дека сме биле во право. Со ТАА седница на советот и одлуката на СДС, ДМПНЕ и ГРОМ да го изгласаат нелегалниот ДУП, сега ДКСК го доведува во прашање функционирањето на советот т.е. негово распуштање. Администрацијата знаела дека ДУП-от еднаш не поминал, градоначалникот исто така, но ниту првите а посебно овој вториов субјект не презел ништо да ја одбрани општината од евентуални последици, а и зошто би го правеле тоа кога советниците само им сметаат во нивните планови. Дополнително и на претходната седница каде што ДУП-от не помина, вториов субјект покани и некој правобранител (на кој секако ќе гледам да му го дознаам името), кој ни се закануваше дека кривично ќе одговараме ако не го гласаме ДУП-от, а на сето то се надоврза и судот кој изрече огромна милионска сума за оштета на ПУЦКО петрол ден пред вонредната седница. ХАОС…
Како и да е ДУП-от помина и според ДКСК направена е грешката, прекршен е законот и советот мора да се распушти. Прашање: Што се криви советниците на ЛЕВИЦА кои не присуствуваа на седницата и НЕЗАВИСНИТЕ кои гласале против, за да бидат распуштени? Не е дека се плашиме од нови избори, знаеме дека уште повеќе советници ќе добиеме но друго е проблемот.
Клучот на лудилото
Според законот за ЛС, во време кога советот е распуштен, комплетните ингеренции за донесување на ДУП-ови ја презема градоначалникот и тука е расплетот на целата итроштина на градоначалникот, воедно се извинувам ако го направив препаметен во вашите очи. Знаеме кои се Инвеститорите во општина Карпош, знаеме на која партија се блиски и знаеме кој е на власт.
Класична криминална приказна. Жртва има, оружје има, повод има, убиец има. На изглед ефтина приказна но не е. Оружјето само пука во жртвата затоа што законски мора да реагира и убиецот е мирен и чист. БРАВО.
ДКСК кој што си ја работи работата чесно но не толку со голем ефект според моите сознанија, треба да си ја брка работата кој кого корумпирал, да најде докази и кривично да ги гони учесниците кои ако на крај се процедуираат, ќе имаат забрана за вршење јавна функција, некои можеби ќе одат и на подолго во затвор. Истите тие ДКСК мора да се свесни што ќе се случи ако градоначалникот сам одлучува за функционирањето на општината а посебно за ДУП-овите кои упорно ги бутка. За два до три месеца ќе се одобрат сите дупови кои не се бутнати од Уставен суд и штетата ќе падне на граѓаните а користа се знае веќе.
Ова ќе биде симптоматично во целата оваа приказна дека и ДКСК свесно ќе бидат изиграни и соучесници во уништувањето на Карпош и процветот на градежната мафија.
Епа граѓани мои, тоа би било тоа што ви се спрема.
П.С Една поука до законодонесувачите. Не може сите функционери во државата да можат да бидат сменети со разни алатки само градоначалник по ниеден основ освен да е осуден на 6 месеци затвор (за што владеачката партија фино го држи на тенко конче одолговлекувајки ги дузината судски процеси против „нашиов“). Да разбереме, штети што ќе се направат се непоправливи.