10 најголеми руски писатели на сите времиња

Овие автори се дел од задолжителната програма во руските училишта, се читаат и се пречитуваат „од корица до корица“, и високо се ценети од генерации критичари и поклоници. И кои се тие луѓе?

1. Александар Пушкин (1799-1837)

Русите се навикнати да велат: „Пушкин ни е сѐ“ и го фалат повеќе од кој било друг. Овој гениј живеел само 37 години, а со својот опус има опфатено огромен број теми, жанрови и форми. Бил прекрасен поет, има напишано околу 800 куси стихотворби посветени на љубовта, на честа и на смислата на животот, а покрај тоа и 12 подолги поеми и романот во стихови „Евгениј Онегин“. Ова дело е окарактеризирано како енциклопедија на рускиот живот во 19 век поради многу појави и нешта што Пушкин детално ги има опишано и прикажано . Пушкиновиот стих е уникатен, со строг ритам и редослед на римата.

Згора на тоа, Пушкин бил и голем прозен писател и драматург. Неговата историска драма во стихови „Борис Годунов“ е култно дело коешто сѐ уште се поставува на сцените во оперите ширум светот. А, неговиот роман „Капетановата ќерка“ ја доловува атмосферата на провинциското благородничко општество од 18 век, како и за Востанието на Пугачов. Една фраза од ова дело денес се користи како крилатица: „Не дај боже да доживееме руски бунт, бесмислен и безмилосен“.

2. Николај Гогољ (1809-1852)

Првиот сатиричар и комедиограф чии дела на неверојатен и на парадоксален начин се актуелни до денешен ден. Гогољ е автор на комедии кои сѐ уште се поставуваат низ театрите ширум земјата.

Една од најпознатите е „Ревизор“. Прикажан е провинциски град во кој чиновниците, западнати во корупција, дознаваат дека во посета инкогнито им доаѓа инспектор од престолнината. Тие толку се вознемириле што го „препознале“ високиот гостин во обичен младич кој токму тогаш минувал низ нивниот град… Многу е смешно!

Најпознато дело на Гогољ веројатно е „Мртви души“, роман што тој самиот го третирал како поема во проза. Ова е своевидна „руска Одисеја“ и обид да се ѕирне во длабочината на таинствената руска душа. Чиновникот од понизок ранг Павел Чичиков ги посетува земјопоседниците во провинцискиот град и ги моли да му ги продадат своите кметови, но оние што веќе починале.

Гогољ ја замислил оваа книга како трилогија, слична на „Божествената комедија“ на Данте. Првиот том е посветен на „Пеколот“, додека во вториот и во третиот дел било планирано дејствието да се одвива во „Чистилиштето“ и во „Рајот“. Меѓутоа кога напишал половина од вториот роман, Гогољ се премислил и го запалил.

3. Лав Толстој (1828-1910)

Овој автор не мораме посебно да го претставуваме. Тој е најпознатиот и најплоден руски писател. Неговите собрани дела имаат 90 тома, и сето тоа го напишал за 82 години, вклучувајќи и огромен дневник и мноштво писма од кореспонденцијата што ја водел со широк круг пријатели.

Најголемите и најпознати романи на Толстој се, секако, „Војна и мир“, каде што се опишува животот во Русија за време на војната против Наполеон во 1812 година, и „Ана Каренина“, трагедија на жена кој нема среќа во бракот.

Самиот писател, пак, сметал дека негово најголемо дело е „Воскресение“, роман посветен на човекот кој поради чувството на вина од корен го менува својот живот и начин на размислување. Познати се и „Севастопољските раскази“, во кои писателот настапува како прв руски воен дописник.

Толстој бил и голем филозоф и религиозен мислител. Неговите дела содржат цел универзум.

4. Фјодор Достоевски (1821-1881)

Животот на Фјодор Достоевски бил драматичен. Во својата 29 година бил уапсен поради ширење забранети книги и бил испратен во Сибир на робија. Тешките затворски денови подоцна ги опишал во делото „Записи од мртвиот дом“. Кога излегол од затвор станал верник и сметал дека само верата може да му донесе спасение на човека (оваа идеја ја наоѓаме во многу негови дела).

Достоевски има напишано пет големи романи кои го потресоа светот: „Злосторство и казна“, „Идиот“, „Зли дуси“, „Момче“ и „Браќата Карамазови“. Сите тие имаат мошне интересно, често детективско дејствие, и многу психолошки анализи на ликовите и на нивните постапки.

Достоевски отсекогаш го интересирале најголемите длабочини на човековата душа, со сите нејзини гревови и темни страни. И неговите ликови често се мошне несреќни, па дури и душевно растроени. Неговите „Записи од подземјето“ го исфрлаат таквиот човек во преден план.

5. Иван Тургенев (1818-1883)

Иван Тургенев во своите дела има создадено или одразено неколку важни смисловни целини. Пред сѐ, називот на неговиот роман „Дворјанско гнездо“ се одомаќинил во руското општество. Тоа е приказна за дворјански имот на село, далеку од градот, каде што земјопоседникот веќе има изгубено поголем дел од своето богатство. Неговите деца и членовите на семејството како птици го напуштаат гнездото, но определени гости, слуги и случајни минувачи постојано доаѓаат на имотот и остануваат на него, создавајќи друштвена атмосфера. Во поголемиот број романи на Тургенев всушност се прикажани различни „дворјански гнезда“. Сега тоа е веќе препознатлив израз во рускиот јазик.

Друга важна тема што ја има допрено Тургенев е проблемот на „Татковци и деца“, како што се нарекува неговиот најпознат роман. Овој вечен проблем на генерацискиот јаз и понатаму е актуелен. Тургенев исто така го истражува новиот тип на „излишен“ човек, нихилистите и атеистите, кој интелектот го цени повеќе од чувствата и смета дека се разликува од другите луѓе.

И на крајот „девојката на Тургенев“ и понатаму е мошне познат израз во руското општество. Во многу романи на писателот, на пример, покрај споменатите и во „Рудина“ и во „Асја“ фигурира млада дама која изгледа дека е слаба и ранлива, а всушност секогаш излегува посилна и почесна од мажите.

Тургенев долго време живеел во Европа, па има дадено голем придонес и во запознавањето на западноевропските читатели со руската литература и во нејзиното преведување на разни јазици.

6. Антон Чехов (1860-1904)

„Стегнатоста е сестра на талентот“ – вака гласи најпознатиот афоризам на Чехов. И тој бил мајстор на кратките раскази кои понекогаш се повпечатливи и од некои големи романи. Чехов прв го отфрлил пренагласениот драматизам и се посветил на секидневноста. Ликовите во неговите раскази често се раствораат во рутината и во околностите, не покажувајќи никакви лични тежнеења и амбиции.

Од друга страна, Чехов бил и прекрасен драматург, така што пред сѐ е познат по театарските драми кои се поставувани на сцените ширум светот. Пишувал за гаснењето на благородништвото како класа, изразувајќи чувство дека довчерашните слуги мошне подобро се снаоѓаат во животот од разгалените аристократи. На извесен начин тој ја претскажал болшевичката револуција или барем настанувањето на новата доба.

7. Иван Бунин (1870-1953)

Ivan Bunin, Russian author, late 1890s. Bunin (1870-1953) was a short story writer and novelist. He was not a supporter of the Bolsheviks and left Russia after the Revolution, settling in Grasse in the South of France in 1919. In 1933 Bunin became the fir (Photo by Fine Art Images/Heritage Images/Getty Images)

Бунин е првиот руски писател кому му е доделена Нобеловата награда за литература (1933). Главна конкуренција за оваа награда му беше советскиот писател Максим Горки. Веројатно Нобеловиот комитет од политички побуди одлучил да го награди Бунин, којшто емигрирал од Русија во Франција по болшевичката револуција од 1917 година (безумието од тој период и хаосот на граѓанската војна ги има опишано во автобиографското дело „Преколнати денови“).

Шведската академија го има наградено „за стриктна уметничка вештина со која ја продолжил традицијата на руската класична проза“. Во оваа смисла може да се каже дека Бунин е последниот голем писател од 19 век.

Тој, меѓутоа, отишол подалеку од своите мошне реалистични претходници. Бунин не навлегувал во психолошките длабочини и не го опишувал детално дејствието. Тој го користел симболизмот, полутоновите и навестувањата, овозможувајќи му на читателот да ја вклучи сопствената мечта. Неговите ремек-дела како што се „Љубовта на Митja“ или „Темната алеја“ дури се и еротични, иако всушност не опишува ништо што навистина би имало врска со сексуалноста. Класичната повест на Бунин „Господинот од Сан Франциско“ зборува за тоа како дури и мошне богат и почитуван човек е всушност слаб кога се соочува со судбината и со околностите, и колку парите се невредни по неговата смрт.

8. Владимир Мајаковски (1893-1930)

Почетокот на 20 век беше уникатна доба на руската поезија. Таа има исфрлено цела плејада талентирани поети со цела палета стилови и манири (и се нарекува Сребрен век). Владимир Мајаковски се истакнувал во таквата средина. Бил поет-револуционер кој до темели ги урнал старите поетски „закони“ и старите класични рими и ритами. Мајсторски се погигрувал со фразите, со структурата и со формата на стиховите.

Мајаковски бил и водечки припадник на футуристичкото движење. Бил обеземен со бунтовничкиот дух на новата доба и ја воспевал болшевичката револуција. Покрај тоа, пишувал стихови за плакати и за реклами, па така придонесувал и за пропагандата.

Бил советски „суперстар“, патувал на гостувања низ целиот свет (дури и во САД, каде што подоцна е родена неговата ќерка, за која не се ни знаело). Неговиот личен живот бил одраз на неговата „лирика без предрасуди“, зашто живеел во љубовен триаголник со својата „муза“ Љиља Брик и со нејзиниот (ни помалку, ни повеќе) сопруг Осип Брик (кој му бил издавач на Мајаковски). И не само што живеел,  но и починал на соодветен начин – извршил самоубиство под неразјаснети околности.

9. Михаил Булгаков (1891-1940)

Михаил Булгаков бил писател со исклучително голем и сестран талент. Тешко е да се поверува дека толку различни дела потекнале од перото на еден ист човек (лекар по професија).

Писателскиот талент и вештина ги покажал уште како млад лекар, додека работел далеку во едно провинциско село за време на Првата светска војна, и своето работно искуство го опишал во „Белешки на младиот лекар“. Подоцна бил очевидец на стравотиите на Граѓанската војна во Русија, и во својот роман „Белата гарда“ го доловил страотниот кошмар и последиците од исчезнувањето на стариот свет. Потоа пишувал полуфантастични дела со примеси на наука, медицина и сатира на теми од советското секојдневие… (на пример „Кучешко срце“).

И, на крајот, Мајсторот и Маргарита“, неговото животно дело. Романот во стилот на магичниот реализам, во кој се опишува од една страна, како ѓаволот ја посетил советска Москва, а од друга, како Јошуа га-Ноцри (визија на Булгаков на Исус од Назарет) ги поминал последните денови од својот живот… Се смета дека главниот женски лик, кој во романот потпишува договор со ѓаволот, имал свој прототип во реалниот живот, и дека тоа била сопругата на Булгаков која, наводно, тајно работела за советската разузнавачка служба.

10. Борис Пастернак (1890-1960)

Борис Пастернак сиот свој живот бил познат како поет и како преведувач на поетски дела. А, потоа го напишал романот „Доктор Живаго“ кој влијаел и на неговиот личен живот, и на светската литература. Книгата била забранета во СССР и за првпат е објавена во Италија (ЦИА ја користела како аргумент во пропагандата против советската држава). За овој роман Пастернак ја доби Нобеловата награда, но во СССР беше изложен на притисоци и набргу потоа почина… „Го немам читано Пастернак, но го осудувам“, оваа фраза од тој период во руското општество стана идиом со значење на мошне „идиотска ситуација“.

Книгата формално ја прикажува Граѓанската војна, но тоа е во суштина роман за човекот, за љубовта и смртта, за смислата на животот и универзумот. Како таков бил целосно неумесен во советско време, зашто не ги прикажува болшевиците во идеална светлина, но, згора на тоа, зборува за тоа колку варварски постапувале и како ги уништувале човековите животи.

Романот за првпат е официјално објавен во СССР дури во 1988 година, а денес е дел од сите школски и универзитетски програми како задолжителна лектира и е прогласен за еден од најдобрите романи на 20 век.