АктуелноЛокално

Новиот скок на референтната стапка ја покачи максималната казнена камата на 14%

  •  Ставн на: Јулијана Штрковска Колариќ – Координатор на Левица – Сектор финансии

Народна банка ја објави новата референтна стапка за пресметување на стапката на казнена камата за периодот од 1 јули до 31 декември 2023 година, во износ од 6,00%. Претходната година се движеше од 1,25%, до 2%, а оваа година бележи највисок раст во последните 12 години. Со референтната стапка се пресметува казнената камата за пречекорувањата на платежните сметки, како и казнената камата во договорите во кои барем едно лице не е трговец и од 01 јули максималната стапка изнесува 14,00%, а за трговските договри до 16,00%.

Покрај референтната, зголемена е и стапката на благајничките записи, која од 1,25% пред една година, достигна 6,00%, што значи дека граѓаните кои користат кредити со променлива каматна стапка, ќе плаќаат многу поскапи кредити.

Вкупните кредити на банките и штедилниците одобрени на физички лица во мај 2023 година изнесуваат 3,456 милијарди евра, од кои, негативните салда по тековни сметки изнесуваат 107,5 милиони евра. На годишно ниво, по намена, најмногу се зголемени станбените и потрошувачките кредити, а бележат зголемување и автомобилските кредити и негативните салда на тековните сметки.

Народната банка и понатаму ја затега монетарната политика, за да ја ублажи инфлацијата, која и покрај сè, остана двоцифрена. Со зголемување на цените, не само за електрична енергија, туку и за широка потрошувачка, тешко дека ќе се се забави растот на инфлацијата.

Банкарскиот сектор е стабилен и соодветно се справува со тековните предизвици, велат од Народна банка, но како се справува народот со поскапите кредити и ценовните шокови, власта очигледно не презема мерки на подолг рок. Со новите каматни стапки на банките им се овозможува дополнителен екстра профит, на сметка на граѓаните кои претежно ги користат нивните крајно неповолни кредити поради егзистенцијални причини. Најранливата група граѓани и понатаму ќе остане во должничко ропство од кое тешко се излегува со постојаното зголемување на каматните стапки.