По повод 80 години од победата над фашизмот, партиска делегација на Левица, предводена од потпретседателот м-р Реџеп Исмаил Хактан, денес положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето на борците од анти-хитлеровата коалиција.
Настанот, кој се одржа на 8 мај 2025 година, беше организиран по покана на Амбасадата на Руската Федерација во Македонија, како дел од официјалното одбележување на значајната годишнина од крајот на Втората светска војна и поразот на фашистичка Германија.
Во делегацијата на Левица, покрај потпретседателот Хактан, присуствуваа и членовите на Централниот комитет на партијата – Катерина Јовановска и Андреа Јанков.
„Со зборовите ‘над Европа ќе се вее знамето на мирот и слободата меѓу народите’, на 9 мај 1945 година Советскиот Сојуз ја објави капитулацијата на фашистичка Германија. Тој ден го означува крајот на едно од најмрачните поглавја во човечката историја“, се вели во соопштението од партијата.
Левица потсетува дека македонскиот народ, рамо до рамо со другите угнетени народи, со голем број жртви и страдања, активно учествувал во борбата за ослободување, што претставувало и темел за конституирање на македонската држава.
„Да бидеме ние генерациите кои гордо и достоинствено ќе го возобноват антифашистичкиот и непокорниот дух на нашите предци“, порачуваат од Левица, истакнувајќи ја важноста од зачувување на историското сеќавање и на антифашистичкото наследство.
Настанот заврши со оддавање почит на хероите кои, како што нагласуваат од партијата, „животот го положија на правилната страна на историјата“.
„Смрт на фашизмот – слобода на народот!“ – порачуваат од Левица.