Додека државата тоне, народот гладува, Владата има поважна грижа – имаат премал авион. Да, само со шест седишта. Не е дека не можат да стигнат до Брисел, туку не можат да понесат доволно „делегација“. Затоа, новиот авион би чинел само од 20 до 50 милиони евра – ситница за една држава што живее на кредит и е зависна од донации за основни јавни сервиси.
Според изјавите на владиниот функционер Томовски, постојниот „Лирџет“ веќе не се одржувал лесно – нема резервни делови. Затоа, досега се потрошени околу четири милиони евра за да се држи во летна кондиција. Наместо да се прашаат зошто тие пари не се вложени во нова онкологија или енергетска ефикасност, одговорот е – поголем авион, со минимум 14 седишта. Зашто, знаете, еден министер не патува без двајца советници, фризер, и по можност личен фотограф.
Во државна сопственост веќе има 7.000 возила. Но ако се суди по последните набавки – каде поединечни автомобили чинеле и по 66.000 евра – изгледа ниту по земја нè бива да се возиме скромно. Вкупната сума што институциите ја потрошиле само за службени возила во последниве неколку години надминува 8 милиони евра.
А за капак на сето тоа, не заборавајте: Владата неодамна потпиша договор вреден 250 милиони евра за воени хеликоптери. Па, ако летаме, да летаме сите – министри, генерали, консултанти, тендерџии.
Но тоа што навистина лета – се парите. Парите на народот. Во држава во која лекарите бегаат во странство, младите не гледаат иднина, а родителите сметаат денови до први, владините апетити за луксуз се без дно.
И сега, ајде сите заедно да аплаудираме за новиот владин авион – бидејќи што е држава без свој приватен џет во време на сиромаштија?