(Видео) Македонскиот пијанист Арда Мустафаоглу победи на натпреварот во Германија

Пијанистот од Македонија, Арда Мустафаоглу, е овогодишен победник на натпреварот на фондацијата „Elise Meyer“. Овој музички натпревар кој датира од 1991 година е од посебно значење за Факултетот за музика и театар во Хамбург, бидејќи победниците на истиот денес се истакнати имиња на светската музичка сцена.

20-годишниот Арда, кој е студент на трета година на додипломски студии, е најмладиот победник на натпреварот во исклучително силната конкуренција од студенти кои се на постдипломски и докторски студии.

„Посебно задоволство ми причинува тоа што учествував и победив на овој натпревар во третата година од студиите и со тоа исполнив една од моите цели кои ги имав поставено кога се запишав на овој Факултет. Подготовките за натпреварот, а и самиот настап за мене преставуваа настан од исклучителна важност и истовремено едно големо искуство во мојот развој како пијанист“, изјави Арда за Антропол.

„Како анегдота, можам да кажам дека буквално оставив трага за време на мојот настап во финалето – го повредив прстот при што “поцрвенеа“ клавишите, но тоа не ми претставуваше пречка за да продолжам и успешно да ја заокружам мојата цел“, раскажува тој.

На завршниот концерт Арда настапи пред публиката во Хамбург со делото „Black earth“ од Fazıl Say, кое го посвети на настраданите во земјотресите во Турција и Сирија.

На овој двоетапен натпревар, Мустафаоглу настапи со 45 минутна програма, а дел од неговиот настап може да погледнете во продолжение:

Фотографиите се направени од: © Thomas Maier