Во рамки на официјалната посета на Москва, делегацијата на партијата Левица, предводена од претседателот проф. д-р Димитар Апасиев, учествуваше на низа свечености организирани од Комунистичката партија на Руската Федерација (КПРФ), по повод 80-годишнината од победата над фашизмот.
Посетата започна со оддавање почит во Паркот на победата, каде што Апасиев имаше пригоден говор пред интернационалните делегации. Потоа, присутните се упатија кон главниот митинг кај споменикот на Карл Маркс, во близина на театарот Баљшој, а по завршувањето на митингот, делегациите положија свежо цвеќе кај споменикот на Непознатиот војник и Вечниот пламен покрај ѕидините на Кремљ — во знак на почит кон борците против фашизмот.
Круна на денешната програма беше официјалната работна средба меѓу македонската делегација и Потпретседателот на КПРФ, пратеникот Казбек Куцукович Тајсаев, која се одржа во канцелариите на руската Дума. Средбата помина во срдечна и другарска атмосфера, при што се разговараше за тековната и идната соработка меѓу двете партии, за заеднички предизвици на европската и регионалната сцена, како и за можностите за поврзување и размена помеѓу младите генерации на Македонија и Русија.
Присуството на Левица во Москва е по покана на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација. Како дел од посетата, претседателот Апасиев ќе присуствува и на утрешната воена парада во чест на 80-годишнината од Големата победа над фашизмот, заедно со лидерите на други идеолошки сродни партии од целиот свет.
Посетата ја реафирмира заложбата на Левица за активна меѓународна соработка со прогресивни движења и антифашистички сили, во време кога историското сеќавање и идеолошката независност добиваат сè поголемо значење на глобалната сцена.