„Бермудски триаговник“ во Источна Македонија вреден над 50 милиони евра

  • Став на А.Б. –  Член на Левица – Сектор Енергетика – Рударство и металургија

Од статијата „Kој прави „Бермудски триаголник“ во Источна Македонија, вреден над 50 милиони евра?“, објавена на порталот „Фактор“, а се однесува на поранешните рудници на металични минерални суровини (САСА, Бучим-Боров Дол, Злетово, Тораница) човек едноставно се запрашува: 

  • Каде Македонија и македонскиот народ погрешија?
  • Уште колку македонските избраници (властодршци) можат да бидат свирепи кон сопствениот народ и сопствената држава?
  • Зарем не е доста?

Во поранешниот политички систем, кој се бореше против фашистите и империјалистите, овие рудници беа дел од инфраструктурата на Република Македонија и со нивното постоење и функционирање постоеше и јавниот интерес. Денес јавниот интерес никаде го нема.

Со потенцијалот кој тогаш овие рудници го имаа (го имаат и денес, но сега е потенцијал за странски и домашни империјалисти), се граделе згради, училишта, комунална инфраструктура, автопатишта, амбуланти, болници како и други производствени и општествени добра. Се славел ден на рударите 28 август–Богородица, на пари се ставале ликови на рудари, рударството било ценета дејност.

Денес овие и слични рудници се предмет на бескрупулозна експлоатација од страна на странските и домашните олигарси. Овие  рудници наместо да продолжат да бидат потенцијал за општествен развој, преку кој младите генерации ќе се поистоветуваат како успешни генерации и ќе чувствуваат сигурност за да останат во Македонија. Младите го имаат спротивното чувство, барат спас во бегство од Македонија и го избираат помалото зло. Ако треба да бидат аргати, тогаш  барем да не ја имаат врз себе домашната рударска мафија која им ја пие крвта ним и на нивните фамилии. 

За рудниците, за кои порано беше привилегија да се имаат и да бидеш дел од нив, денес   перцепцијата е дека се „Рудници на смрт“. Долгогодишната неспособност од страна на Владата, надлежните министерства и законодавните институции да менаџираат и  управуваат  со природниот минерален потенцијал на Република Македонија  е КАНЦЕРОТ кој рудниците од една страна ги прави да бидат НАЦИОНАЛНО ЗЛО – Рудници на смртта, а од друга страна ги прави „Мека и Медина “ за странски империјалисти и домашни криминалци за стекнување на огромно богатство. 

Тоа е бермудската пропаст за Македонија, а лансирна рампа за странските и домашните олигарси за огромни профити. 

Би завршал со строфа од поемата „Сердарот“, која на читателите им ја препорачувам да ја читаат барем еднаш во годината за да се потсетат на македонската трагедија.

Та Кузман, јунак славен, падна убиен од Гега,

тој сердар прочут падна в бој,

и ќе ги гази пљачкашот  планините ни сега,

а да ги брани нема кој.