Стојчевска: Зголемен е интересот за изнајмување книги од македонски автори

„Градската библиотека пред една година, и како писател и како Македонка многу ме погоди што домашните автори беа истиснати на маргините. Книгите од актуелната книжевна продукција не беа дел од понудата на библиотеката. Тоа е првото нешто што се обидов да го променам“ – вели Стојчевска, директорка на „Браќа Миладиновци“ за умно.мк.

Убаво е да се следи вкусот на читателите, но ние како библиотека имаме одговорност долгорочно да го подигнеме нивото и да креираме нови генерации читатели. Сега сме насочени кон откуп на книги од различни издавачки куќи и од различни жанрови, со цел да ја раздвижиме и освежиме понудата. Она што како состојба го затекнав, а што мене како писател и како Македонка многу ме погоди, е што македонските автори беа истиснати на маргините – вели Снежана Стојчевска, директорка на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје. Во последната година, колку што е на оваа позиција, таа со својот тим се фокусираше библиотеката да се отвори кон јавноста, кон читателите, медиуимите, а најголема поддршка им даде на македонските автори и домашната книжевна и културна сцена.

Градската библиотека е јавна установа основана на 15 ноември 1945 година. Како една од најстарите институции формирана веднаш по ослободувањето, библиотеката е еден од столбовите врз кои се гради државноста, а со својот книжевен фонд, архивите и периодиката таа е и паметник на македонскиот културен идентитет. Институцијата има мрежа од библиотеки на целата територија на градот Скопје, односно содржи 18 објекти, од кои 4 централни и една подвижна библиотека – библиобус, што ги опслужува местата во околината на Скопје.

Колку во денешно време библиотеката има моќ да биде креатор на читачката култура и на културата воопшто? Што се бара и што се нуди во вашите библиотеки, постои ли начин да се влијае врз читателскиот вкус?

– Моето мислење е дека библиотеката треба да биде креатор на читателската култура, односно да постави критериум за тоа што треба да се чита. Тоа што како ситуација го затекнав беше ниското ниво на книжевен квалитет на книгите, односно промоција на бестселерите и популарната литература, кои секако треба да се застапени во библитеката, но да не бидат единственото нешто што таа ќе го има како понуда. Убаво е да се следи вкусот на читателите, но ние како библиотека имаме одговорност долгорочно да го подигнеме нивото и да креираме нови генерации читатели. Сега сме насочени кон откуп на книги од различни издавачки куќи и од различни жанрови, со цел да ја раздвижиме и освежиме понудата. Она што како состојба го затекнав, а што мене како писател и како Македонка многу ме погоди, е што македонските автори беа истиснати на маргините. Книгите од актуелната книжевна продукција не беа дел од понудата на библиотеката.

Тоа е првото нешто што се обидов да го променам. Токму затоа дојдов до идеја за кампањата што ја работиме заедно со мојот тим „Читаме современи македонски автори“. Првиот циклус траеше 8 месеци, во кои библиотеката секој месец предлагаше книга на месецот, потоа организиравме разговор со писателот на таа книга, а последната сабота во месеците беше резервиран за Клуб на читатели. Во оваа кампања претставивме 8 современи автори кои публиката имаше можност да ги запознае одблиску. Она што пријатно ме изненади беше интересот што медиумите го покажаа и со своите прилози нè поддржаа во оваа мисија и за тоа сум им неизмерно благодарна. Тоа што како искуство можеме да го споделиме е дека после кампањата зголемен е интересот за изнајмување книги од македонски автори. Планираме кампањата да продолжи и од септември со нови наслови и нови современи македонски автори.

Периодов библиотеката беше видливо раздвиженена и отворена за настани, публика, новости. На што сте фокусирани при креирањето на програмските активности?

– Сметам дека најголем успех може да постигнеме со вмрежување: библиотеката, образовните институции, издавачките куќи, писателите, невладиниот сектор, организации и здруженија. Кога сите би ги здружиле силите, би постигнале поголем успех, бидејќи сите имаме одговорност кон општеството, но пред сè, кон младите генерации. Покрај годишната програма за литературна дејност, паралелно работиме и на многу соработки и отворање кон сите чинители од книжевната сцена, но и од културата, воопшто. Како институција финансиски не сме моќни да донесеме писатели од странство, но со вмрежување со издавачките куќи и со фестивалите веќе успеавме да реализираме повеќе настани на кои нашата публика имаше можност да слушне и светски автори, покрај домашните.

Со фестивалот БОШ, Партизанска штампа и Гола планина, во Паркот на поезијата реализиравме саем на независни издавачи, со издавачката куќа ПНВ направивме мултимедијална промоција на книгата „Огнен пој“ од Перица Сарџовски, на која покрај книжевен и музички дел, имаше и изложба на најмалиот етно музеј од Џепчиште, еден вид негово претставување во Скопје. Неколку наши објекти беа домаќини на фестивалот „Млади европски приказни, млади креативци“ на издавачката куќа „Чудна шума“. Четирите работилници во три различни библиотеки беа за деца од најразлична возраст и беа вистинско уживање за нашите најмлади посетители. Соработуваме и ги поддржуваме и Скопскиот поетски фестивал, „Букстар“ – фестивалот за европска литература, Поетска ноќ во Велестово итн. Отворени сме за соработка и со други фестивали, здруженија, институции и поединци, како што впрочем доликува на едно големо и значајно културно јадро.

Каков е интересот на помладите генерации за книгата, за посета на библиотеката воопшто?

– Не е лесно да се придобие младата публика. Ние практично се натпреваруваме со социјалните медиуми и платформи, со дигиталните книги со електронските уреди, па сега и со платформи како Chat GPT. Модернизацијата и дигитализацијата е незапирлив процес, тоа е реалност и сегашност. Тоа што ние како библиотека треба да го направиме е да им понудиме интересни содржини, работилници, проекти, простор за тие самите да се изразат, да наидат на отворени врати кога ќе дојдат со свои иницијативи. Вмрежувањето со фестивалите, со основните и средните училишта, со факултетите, градинките исто така, е едно позитивно искуство што ни покажа дека кога ќе понудиш интересна содржина, младите се вклучуваат и активно учествуваат во настаните. Тоа е еден од начините кај нив да се создаде да доаѓаат во библиотека и да ја чувствуваат како сигурно место во кое се добредојдени и каде што може слободно да креираат.

Како дел од оваа заложба ќе ја споменам и Работилницата за креативно пишување која се одржа во април и мај, а на која учествуваа средношколци од неколку училишта со кои соработуваме, како и неколкумина студенти. Работилницата ја водеше извонредниот македонски писател Александар Русјаков. Изненадени сме од големиот интерес и од успешноста на овие работилници. Добивме прекрасни творби кои треба да бидат објавени и секако прочитани од што поширока публика.

Со оглед на тоа дека и самата сте автор, колку работата во библиотеката ви влијаеше и на вашето творештво? Дали ги водите двете работи паралелно?

– За жал, моето творештво е ставено во втор план. Минатата година во ноември ја промовирав мојата шеста поетска книга „Празно место“ и сега заслужено си земам оддишка од пишувањето. Целата креативна енергија ми е насочена кон работата во библиотеката. Овој период активно го користам за читање и акумулирање искуства. Покрај работата во библиотеката, веќе петта година сум извршен уредник на најстарото книжевно списание во Македонија, а тоа е списанието „Современост“, работа која ме исполнува и ми носи радост. Летото е убав период за поезија и во него веќе имам најави за настапи на некој од нашите реномирани фестивали.