Антон Попов: Умирам горд со името на својот народ

На денешен ден 1942 г. во Софија од страна на бугарските фашистички власти стрелани се комунистите Никола Вапцаров и Антон Попов, едни од основачите на Македонскиот литературен кружок.

Антон Попов кој по потекло е од Берово, во „Дневник“, Млада Македонија, 1938 г. напишал: „Беснееја на македонската земја разни господари. Срби, Турци, Грци, Бугари… Тогаш, од македонската нива сите тие береа. До денеска само на еден правото не го признаа. Правото на Македонецот да ја ора својата земја и единствено тој да го бере плодот од својата нива. Стариот господар на таа земја, правото на големиот македонски дух – не беше признат. Историјата на човештвото е полна со неправди…“

Неговите зборови се актуелни и денес:

„…Кој ги инспирира настојувањата да се избрише македонското сознание, македонското име, да не го признаваат правото на македонскиот народ да биде господар и чувар на својата родна земја?… Кој ги поттикнува нивните свирепи мерки, нивното цврсто решение?“

Пред да го стрелаат тој ќе запише:
„Умирам за еден нов свет, којшто ќе огрее со толку светлина, со толку убавина, така што мојата жртва за него не е ништо. Умирам горд со името на својот народ, за чие што добро работев до последен миг, за чија што добра иднина умирам.“

Заедно со овие двајца македонски дејци стрелани се уште 4 бугарски комунисти: Антон Иванов, Георги Минчев, Петър Богданов и Атанас Романов.