Хамнеи: Иранската нуклеарна индустрија не смее да се допре

Иранскиот врховен верски лидер ајатолахот Али Хамнеи, во услови на застој во преговорите меѓу Техеран и Вашингтон за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година, кажа дека е можен договор со Западот за нуклеарна програма на оваа земја, единствено доколку нуклеарната инфраструктура на ИР Иран остане недопрена.

Индиректните преговори меѓу Техеран и Вашингтон за обновување на нуклеарниот договор со шестте сили се заглавени од септември, при што двете страни се обвинуваат меѓусебно дека поставуваат неразумни барања.

Ајатолахот Хамнеи претпазливо ја одобри можноста за обновување на договорот неколку дена откако Техеран и Вашингтон негираа дека се блиску до привремен договор, според кој Техеран ќе ја намали својата нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите.

„Нема ништо лошо во договор (со Западот), но инфраструктурата на нашата нуклеарна индустрија не смее да се допре“, – рече Хамнеи, пренесен од државните медиуми.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент одби да ги коментира изјавите на Хамнеи, повторувајќи го ставот на администрацијата на претседателот Џо Бајден дека САД се „посветени никогаш да не дозволат ИР Иран да се здобие со нуклеарно оружје“.

„Веруваме дека дипломатијата е најдобриот начин за постигнување на целта на проверлива и трајна основа, но претседателот, исто така, беше јасен дека ние не сме тргнале од масата ниту една опција, рече тој, алудирајќи на можноста за воена акција. Нема да ја карактеризираме природата на изјавите на иранскиот лидер“, додаде портпаролот.

Договорот од 2015 година го ограничи иранското збогатување ураниум, за како што велат од САД да му отежне на Техеран да развие нуклеарно оружје, а за возврат тие ги укина меѓународните санкции. САД во 2018 година еднострано го напушти договорот и повторно воведе санкции кои штетат на иранската економија, прекршувајчи се што претходно беше договорено, по што Техеран почна да води независна нуклеарна политика без ограничувањата наведени во овој договор. Денес САД повторно бараат договор со кој се наметнуваат ограничувања на ИР Иран.

Хамнеи го повтори долгогодишниот официјален став на земјата велејќи дека Исламската Република никогаш не сакала да изгради нуклеарна бомба.

„Обвинувањата дека Техеран сака нуклеарно оружје се лага и тие го знаат тоа. Ние не сакаме нуклеарно оружје поради нашите религиозни убедувања“, – рече Хамнеи.