Нам не ни е дојдено до слобода!

Денес е 9 Мај, ден кога светот го одбележува падот на фашизмот. На овој ден пред 72 години фашистичка Германија ја потпиша својата капитулација. Од тој ден во 1945 година па наваму речиси целиот свет ја оддава својата почит кон заложбите и жртвите положени во антифашистичкото движење ширум светот. Оваа светска традиција до неодамна беше со големо внимание негувана и во Македонија. За жал, тоа веќе не е случај денес, или барем не е случај со организираните политички институции и субјекти. Државните институции како да го подзаборавија (намерно или ненамерно) овој датум и не успеаја да ја искористат приликата и совмесно да потсетат на вредностите кои овој датум ги претставува, ова е голем пропуст со оглед на ситуацијата во која се наоѓа нашето општество. Но, покрај нив, и политичките партии во нашата држава не најдоа за сходно барем со симболичен гест да се огласат во овој контекст. „Големата“ четворка (ВМРО- ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, БЕСА) изостана со автономна партиска акција за одбележување на овој ден. Од нив во медиумите може да се забележи само оддавањето почит со положување букет цвеќе на партиската делегација на СДСМ предводена од Фросина Ременски на споменикот на паднатите жртви во НОБ. Од помалите партии со прикладна почит овој ден го одбележа партијата Левица. Имено активисти на партијата во повеќе градови на Македонија оддадоа почит со положување цвеќе на спомениците од НОБ. Покрај политичките партии, овој ден го препознаа и неколку организации, меѓу кои Сојузот на борци (кој традиционално го одбележува овој ден), Социјалниот центар „Дуња“, „Цивил“ и др.

Би било важно да се забележи дека иронијата за ваквата затекнатост на нашето општество ја засилија две случувања. Првото е дека службите на странските дипломатии во Македонија изгледа сепак беа позаинтересирани за одбележување на денот на падот на фашизмот отколку за Македонија, во која се воскреснуваат фашистички феномени. Второто е доделувањето на орден за заслуги во Македонија од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов на Игор Дурловски чие име пак се појавува како дел од организацијата на протестите „За заедничка Македонија“ на здружението „Илинден“, кое во последниот период произведе контроверзни дејства и искази кои многу се доближија до она што конвенционално се смета за фашизам.

На крајот останува да констатираме дека нам можеби и не ни е дојдено до слобода!