Иран најави формирање на моќен поморски сојуз со 7 други држави

Командантот на иранската морнарица Шахрам Ирани изјави дека Иран и Саудиска Арабија, како и три други земји од Персискиот залив, планираат да формираат поморска алијанса во која ќе бидат вклучени Индија и Пакистан, објавија иранските медиуми.

Ирани рече дека земјите од регионот сфатиле дека меѓусебната соработка носи безбедност за целиот регион, наведувајќи дека во алијансата ќе учествуваат и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Бахреин, Катар и Ирак.

Тој најави дека алијансата ќе биде формирана наскоро, без да даде детали, пренесе Ројтерс.

Иран неодамна се обидува да ги поправи заладените односи со неколку арапски земји од Персискиот залив.

Во март, Саудиска Арабија и Иран ставија крај на седумгодишното непријателство со постигнување договор, со посредство на Кина, за потребата од регионална стабилност и економска соработка.