Неколку помалку познати факти за Третјаковската галерија

Галеријата Третјаков во Москва, еден од најважните руски музеи, на 22 мај ја прослави својата 167-годишнина. Во оваа прилика, потсетуваме на одредени детали од историјата на главната ризница на руското сликарство што дури и многу Руси не ги знаат.

1. Се започнало со купување на жанровска уметничка слика

Историјата на галеријата започнува  од денот кога рускиот трговец претприемач, филантроп и колекционер Павел Третјаков (1832-1898)  ја купил уметничката слика „Судирот со финските шверцери“ од Василиј Худјаков. Ја купил во 1856 година во ателјето на сликарот во Санкт Петербург за 450 рубли (денес тоа би било околу 7.700 долари).  Потоа Третјаков продолжил да собира уметнички слики, а неговата колекција подоцна прераснала во огромна ризница на руската уметност. Сега таа слика е изложена во салата бр. 16.

2. Галеријата ја основале двајца браќа, а не еден, како што многумина мислат

Помладиот брат на Павел Третјаков, Сергеј, првично самиот собирал дела на руски сликари. Првата слика на рускиот уметник во неговата колекција била пејзажот на Алексеј Богољубов „Манастирот Ипатевски кај Кострома“. Таа слика ја купил по совет на Павле Михајловиќ. Подоцна, кога постариот брат поради некоја причина не можел да добие одредена слика, помалиот брат ја купувал.

3. „Третјаковка“ некогаш бил збирка на руски и западни слики

Со текот на времето, помладиот Третјаков се преориентирал кон западноевропското сликарство, главно француски романтичари и реалисти. Својата колекција ја оставил во аманет на својот брат. Тие слики биле префрлени во вилата во Лаврушинска сокак, така што во 1892 година Павел Третјаков на градот му подарил обединета колекција, вклучувајќи сè во вилата. За време на советското владеење, сликите на странските уметници биле преземени од Музејот за ликовни уметности Пушкин и Ермитаж во 1925 година. Така, на пример, во музејот Пушкин е пронајдено ремек-делото „Рурална љубов“ од Жил Бастиен Лепаж.

4. Галеријата била донирана на жителите на Русија

Првиот тестамент во кој се споменува основањето на Третјаковската галерија е напишан кога тој имал 28 години. Подоцна, кога ја донирал колекцијата на градот, поставил неколку услови: галеријата да биде отворена „засекогаш“, влезот да биде бесплатен, а изложбениот простор да биде отворен најмалку четири дена во неделата, освен Велигден, Божиќ. и Нова Година.

5. На императорот не му се допаднала првата „историска тема“

Првата слика во колекцијата на Третјаков посветена на руската историја била сликата на Константин Флавицки „Принцезата Тараканова во занданата“. Тараканова лажно се претставила како ќерка на царицата Елизавета Петровна и грофот Алексеј Разумовски. По наредба на Катерина Втора, таа била донесена од Италија во Русија и затворена во тврдината Петропавловск во Санкт Петербург, каде што умрела. Таа слика не му се допаднала на цар Александар Втори, па наредил да се вметне белешка во каталогот на изложбата на Академијата за уметности дека сцената прикажана на сликата не одговара на вистината.

6. На отворањето на галеријата речиси и да немало жени

На денот на отворањето во август 1893 година, градската галерија во Москва „Павел и Сергеј Третјаков“ ја посетиле околу 700 луѓе. Весниците пишувале дека се посетителите биле уметници од различни генерации, студенти, занаетчии, ситни трговци, управители на спахиски имоти и селани, но меѓу нив речиси и да немало жени.

7. Познатата слика на Рјепин била цензурирана

Поединечни платна од огромната колекција биле забранети да бидат изложени како експонат. Првата цензурирана слика е познатото дело на Илја Рјепин „Иван Грозни и неговиот син Иван на 16 ноември 1581 година“ (познато како „Иван Грозни го убива својот син“). Сликата воопшто не му се допаднала на императорот Александар III, па затоа на 1 април 1885 година било забрането нејзиното јавно прикажување. Третјаков дури изградил и соба за да може да им ја покаже на избраните посетители. Забраната била укината три месеци подоцна.

8. Колекционерот бил повеќе ценет меѓу уметниците отколку царот

Авторитетот на Павел Третјаков меѓу уметниците бил толку висок што тие премолчено му давале приоритет кога ги продавале своите слики. Неговата фраза „Ве молам резервирајте ја сликата за мене“ може да се третира како еден вид „гаранција за квалитет“, бидејќи било непобитно дека Третјаков имал доволно префинет вкус и знаел да препознае ремек-дело. Ако Павел Третјаков бил заинтересиран за слика, тогаш никој друг не можел да ја купи, дури ни членовите на царското семејство.

9. Изградена била посебна зграда за платното на Александар Иванов

Сликата „Христос им се јавува на луѓето“ ја купил императорот Александар II за 15.000 рубли (денес тоа би било околу 245.500 долари), буквално неколку часа по смртта на сликарот. Павел Третјаков успеал да купи само нејзини скици. Во советскиот период (1925 година), било одлучено сликата да се пренесе во „Третјаковка“. Специјално за неа во зградата на галеријата е додадена сала во која може да се смести платно од 5,4х7,5 метри. Таму е изложена од 1932 година.

10. Наместо скулптурата на Сталин поставена била бистата на основачот на галеријата

До 1938 година, пред зградата на Третјаковската галерија стоел споменик на Ленин. Во 1939 година, на истото место се појавила скулптура на Јосиф Сталин. Дури во 1980 година на негово место бил поставен споменик на основачот на музејот.  Интересно е што скулптурата на Сталин се уште е во сопственост на „Третјаковка“, само што е преместена во атриумот.