Кина бара дијалог, а не конфронтација, конфликтот со САД би бил катастрофа

Кинескиот министер за одбрана Ли Шангфу предупреди дека конфликтот меѓу Кина и Соединетите Американски Држави ќе биде „неподнослива катастрофа“ и рече дека неговата земја бара дијалог, а не конфронтација.

Обраќајќи им се на делегатите на самитот за безбедност Шангри-Ла во Сингапур, кинескиот министер за одбрана, облечен во општа униформа на Народноослободителната армија на Кина, рече дека „светот е доволно голем за Кина и САД да напредуваат заедно“, пренесува Танјуг.

„Кина и САД имаат различни системи и се различни на многу други начини. Сепак, тоа не треба да ги спречи двете страни да остварат заедничка основа и заеднички интереси во развојот и продлабочувањето на билатералната соработка“, рече Ли.

Тој предупреди дека „ во азиско-пацифичкиот регион повторно оживеал менталитетот на Студената војна “, иако, како што рече, неговата земја се стреми кон дијалог наместо кон конфронтација. Ли индиректно ги критикуваше САД (нарекувајќи ги „некои земји“), обвинувајќи ги притоа за интензивирање на трката во вооружување и намерно мешање во внатрешните работи на други земји.

„Взаемното почитување треба да ги надмине силеџиството и хегемонијата“, рече кинескиот министер за одбрана Ли Шангфу.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ја прекори Кина за отфрлањето на воените разговори, оставајќи ги двете суперсили во ќорсокак поради спорното прашање на Тајван, територијалните спорови во Јужното Кинеско Море и ограничувањата на американскиот претседател Џозеф Бајден за извозот на полупроводници.