ЕУ: Загрижени сме од неоправданото користење на европското знаме

Додека премиерот Димитар Ковачевски вчера во Прилеп говореше на почетокот на активностите за изградба на Коридорот 10, од ЕУ стигна уште една опомена дека е спорно ставањето европско знаме.

На прашање од „Слободен печат“ кои ќе бидат наредните чекори на Унијата по неколкуте изјави на евроамбасадорот Дејвид Гир дека не е оправдано користењето на европското знаме, од ЕУ велат дека „ги следат настаните што се однесуваат на ова прашање и дека од власта побарале натамошни разјаснувања“.

Истовремено потсетуваат на обврските што ги презела земјава.

„ЕУ ја повторува важноста на почитување на обврските што произлегуваат од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и на усогласувањето со европското законодавство во контекст на пристапниот преговарачаки процес. Ставањето европско знаме на закони е со цел да се забрза интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, па според тоа, треба да има за цел усогласување со европското законодавство и стандарди. Во овој случај нацрт законот се чини дека не се однесува на усогласување со таквите стандарди“, пишува во одговорот што го добивме од ЕУ.

Оттаму додаваат пред властите во Скопје изразиле сериозна загриженост и бараат дополнителни објаснувања.