Крајевски: Потребна ни е алтернатива за тридецениската Европска алтернатива

  • Фејсбук статус на Јован Крајевски, Координатор на Левица – Сектор политичка економија

По распадот на Југославија, на народот му се понуди капитализам + ЕУ како алтернатива на социјалистичкото уредување. Капитализмот дојде веднаш, периодот на транзиција отпочна и дознавме дека никогаш нема ни да помине – тоа што го викаа транзиција уствари било финалната цел, било капитализам.

ЕУ, за разлика од капитализмот, само религиозно го чекаме, како второто доаѓање на Исус. Три декади поминаа, младите луѓе кои започнуваа да работат во 90тите сега се пред пензија и ако не се чувствуваат насамарено, тоа е само доказ дека пропагандата функционира.

Јас, лично, за ЕУ дознав 2006, непосредно пред Грујо да дојде на власт. Ме интересираше што е тоа што јас, како граѓанин на Македонија, ќе го добијам ако станеме членка на ЕУ. Конкретен одговор не добив, освен празните флоскули за пофер правен систем и намалена корупција.

16 години подоцна, прилично сум сигурен дека одговорот е – ЕУ ќе ни даде дозвола за работа. Ако влеземе во ЕУ, младите ќе можат да се отселат, да престанат да бидат Македонци и да станат културни Европејци кои пржат хамбургери во Мекдоналдс.

Исто така, прилично сум сигурен дека и без влез во ЕУ престануваме да бидеме Македонци, со разните добрососедски договори. Имаме и дозволи за работа – бугарски пасоши. Процесот е малце покомплициран од да сме веќе во ЕУ, ама е далеку од невозможен.

Патот кон ЕУ, без разлика дали ќе заврши во ЕУ, во секој случај на граѓаните на Македонија им го срозува националниот идентитет и им дава можност да се отселат. Ако сакаме да ја подобриме ситуацијата за тие што ќе останат во Македонија, потребна ни е алтернатива на тридецениската Европска алтернатива.