На сите жени им посакувам борбена година

Оваа година за првпат се чувствувам поинаку на овој Меѓународен ден на жената. Веќе не можам и не смеам само да критикувам колку е банализиран и комерцијализиран 8 Март. Сега, односно во наредниот период, имам ретка животна можност да покажам што значи реално политичко оснажување (empowerment, би рекле ен-џи-о-ашите) и можност да бидам глас на многу жени, но и мажи. Бидејќи нас не’ спојуваат истите класни/социјални идеали, и ние сме мнозинството, а не елитите, вели Билјана Ванковска.

-На сите жени соборки им посакувам борбена година, бидејќи причини за славење немаме многу во општество кое се распаѓа по сите рабови. Но, затоа имаме многу причини да се сплотиме и заедно избориме за праведно општество, во кое човечката еманцијапција ќе биде општ приоритет, а жените заедно со мажите, ќе ги скршат прангите на ропството кои ги чувствуваме насекаде.

Кандидатката на Левица на претстојните претседателски избори, се потсети и на зборовите на Клара Цеткин.

-А ако мажите се тивки, како што велеше Клара Цеткин, наша должност е да го дигнеме гласот во име на нашитe идеали. Но, секогаш кога е потребно ќе го дигнеме и гласот против жени кои го застапуваат, бранат и легитимираат неолиберализмот, експлоатацијата, милитаризмот, колонијализмот (дури, и ако е во европски бои).