Клуч на врата за 20.000 компании во Македонија
- Реакција на Левица – Сектор Економија
Во последните три години, односно од 2019 до 2022 година во Република Македонија клуч на врата ставиле точно 20063 компании кои во претходните години активно учествувале на пазарот на трудот.
Последните три години важат за најтешки години за македонската економија, појавата на пандемија, економска криза, недостаток на енергенси и рекордна инфлација допринесоа за тешка положба на пазарот на трудот.
Анти-кризните мерки кои Владата ги воспоставуваше во последните три години не вродија со никаков плод. Како што стоеше и во соопштението на Европската комисија – анти-кризните мерки кои ги предлага Владата се: недоволни, погрешно насочени и нетранспарентни за ова поднебје.
Само во 2022-ра година од 6857 компании, 6.289 или 91.7% од затворените фирми претставуваат микро компании. Овој податок ни укажува за самата состојба на македонската економија и анти-кризниот сет на мерки кои Владата ги спроведуваше изминатите години.
Додека малите фирми пропаѓаат секојдневно, крупниот капитал во државата достигнува рекордни добивки. Голем број на домашни банки најголемиот дел од своите добивки ги добија од провизии, големите домашни производители енормно ги зголемија цените на своите продукти со цел на остварување на поголема добивка, благодарение на пасивноста на инспекциските служби и Владата.
Предводени од Владата на Република Македонија на чело со Ковачевски, македонската економија продолжува да тоне, микро економијата е сведена на преживување, а анти-кризниот сет на мерки воглавно беше во корист на големите компании кои без никаков проблем ги препродеа овие кризни времиња.