Апасиев го прозва Тупанчески: Од кога затворска полиција може да легитимира?

За инцидентите на Мечкин Камен, вечерва реагираше и претседателот на Левица, Димитар Апасиев, кој директно го прозва министерот за правда, Никола Тупанчески. Денес реагираше и партијата Левица, која објави фотографии од тројца припадници на затворска полиција кои се дел од инцидентите на Мечкин Камен и побара од директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски, лицата да бидат санкционирани.

Министре и професоре ТУПАНЧЕВСКИ.

Не е во ред да ја пикате главата во песок и да не гледате она што сите го гледаат. Должите одговори на јавноста – по кој закон, припадник на затворска полиција смее да легитимира учесник на јавен собир?И дали ќе преземете нешто против овие битанги и силеџии, кои еве ви ги даваме со име и презиме?
– напиша Апасиев на својот профил.

Во неколку наврати од политичката партија Левица реагираа за организирано делување на затворската полиција на илинденската прослава спротивно на законите и побара од мнинистерот Тупанчески да го разреши директорот на затворот во Шутка, Филип Андонов. Од Левица обвинија дека цивилни лица барале нивни членови да се легитимираат и истите се заканувале на присутните граѓани.

Засега нема никаква реакција од министерот за правда, Никола Тупанчески.