Ристо Никовски: со внесувањето на Бугарите во Уставот се трасира патот за бугаризација на сите нас!

Во последната колумна за порталот Плус инфо, поранешниот дипломат, Ристо Никовски, предупредува на замката на Софија за внесување на „Македонските Бугари“ во Уставот, којашто скапо ќе ја платиме.

Никовски забележува дека аргументот на владините пропагандисти за внесување на Бугарите во Уставот е лага во која и самите протагонисти не веруваат.

Без никаков срам, масовно и немилосрдно лажат. Тргнаа во кампања за промена на Уставот и, како што изгледа, еден од главните „аргументи“ ќе биде токму тоа дека, со внесување на Бугарите, се докажувало дека се работи за два посебни народи!? Со други зборови, со тоа паѓа во вода бугарското историско игнорирање на Македонците!? Во Уставот, демек, заедно ќе имало и македонски и бугарски народ. Каква замена на тези! Мудреци, јасно ли ви е дека ние не го негираме бугарскиот народ, туку тие македонскиот?

Проблемот со бугарско игнорирање на Македонците, меѓутоа, би се надминал единствено ако Бугарија ги внесе Македонците од Пирин, во нивниот Устав. А, колку е тоа можно, нека цени секој сам. Особено кога Македонија се срами да го отвори тоа прашање, на база на реципроцитет, којшто е клучен и основа во дипломатијата. А, згора на тоа, го игнорира и спроведувањето на 17 пресуди на Судот за човекови права, коишто се во корист на Македонците во Бугарија. Само така ќе се потврди дека сме два посебни народа или, поточно, дека  постоиме и ние, како вистински Македонци, и посебен народ.

Со погубно внесување на „македонските Бугари“ во Уставот, пак, ние ништо не докажуваме ама влегуваме во замката на Софија, којашто скапо ќе ја платиме.

Ако сакаат да разберат што се случува, нашиве „политичари“ треба барем да се запрашаат – зошто Софија нѐ блокира, уценува и ни поставува разни ултиматуми? Зошто, ЗАСЕГА, главно барање е да ги ставиме измислените и непостојни „МАКЕДОНСКИ БУГАРИ“, како тие сосема намерно ги нарекуваат, во нашиот Устав? Дали ќе следат нови уцени и какви? Што замислуваат нашиве таленти, дека Бугарија тоа го прави без прецизна стратегија?

Логиката на Софија е многу проста и навистина е чудно ако нашиве генијалци од власта не ја разбираат или, поверојатно, така се прават. Значи, во Уставот треба да внесеме „македонски Бугари“, формално и да не се нарекуваат така, туку само како Бугари. Арно ама, со оглед дека Софија не признава дека постојат Македонци, дури тогаш за нив сите ние ќе бидеме „македонски Бугари“. Така ќе ја третираат и државата. Поточно – на „македонските Бугари“. Софија затоа инсистира Бугарите да бидат конститутивен народ, а не малцинство. Тоа е за нив клучно. Така, ги откриваат и скриените намери, коишто некој треба и да ги разбере.

Никовски, во истата колумна се осврнува и на идејата за Заедницата на албански општини, која вели дека воопшто не е случајна.

По катастрофалниот и безумен договор Ковачевски – Петков, којшто беше камуфлиран како божемен „француски предлог“ на ЕУ, Македонија е присилена да го менува Уставот. Тоа не го бараат ракатката (шака) Бугари во земјава (според пописот ги има 3.504), што би имало и некаква логика, туку тоа е уцена, којашто доаѓа од Бугарија. Една држава да бара промена на уставот на друга е нешто незамисливо во меѓународните односи. Тоа е можно само врз победен агресор. За нас, меѓутоа, тоа е нормално, бидејќи веќе го направивме по налог на Грција. Ова барање го постави Радев, а Македонија молчеше, додека Софија го ангажира и Брисел на помош.

Последна вест е изјавата на Ескобар, главниот Американец за Балканот, дека во земјава живеат Албанци и православно население. Претходно, тој беше меѓу првите којшто не нарече Северномакедонци. Ни треба ли уште некој доказ, што ни прават?, заврѓува Никовски