Левица: 100 дена катастрофални политики на новата Влада

  • Реакција на Левица – Земјоделски сектор.

Староновиот министер за земјоделие Љупчо Николовски со неговиот ПиАр се пофали дека од изборот на оваа влада досега имале 100 дена успешни земјоделски политики, како и грижа за секој земјоделец.

Имено, ние земјоделците сме должни да го потсетиме Љупчо Николовски каква грижа за земјоделието и земјоделците спроведува неговата влада на СДСМ и ДУИ.

Од минатото лето кога почнаа да одат нагоре цените на пченицата и житото на светските берзи, МЗШВ си спиеше на едно уво, и не убедуваше дека тоа е моментално и цената до есен ќе се стабилизира. Љупчо Николовски пред само две недели молеше за пченица од Србија, бидејќи кај нас ја нема веќе.

Производство на сончоглед немаме со години и дојдовме во ситуација маслото за јадење да го снемува по рафтовите, а тоа што го има е по цена од 150 денари. Љупчо Николовски молеше за масло за јадење од Србија.
Иста ситуација е и со сточната храна. Нејзиниот недостаток доведува до намалување на сточниот фонд и зголемување на цените на месото.

Пратениците на СДСМ и ДУИ во Собранието на Република Македонија гласаа ПРОТИВ предложениот закон за заштита на земјоделците и нивна навремена исплата, предложен од Левица.

Љупчо Николовски, за катастрофата во македонското земјоделие и недостатокот на основните прехранбени производи не ти е виновна ниту Русија, а ниту пандемијата. Виновна е владата на СДСМ и ДУИ која со нејзината политика го уништува домашното производство на храна, го зголемува увозот од странство, и го осиромашува семејниот буџет на граѓаните.