Поддршката кон ЕУ во слободен пад – 80% од Македонците против уставни измени

Нивото на доверба на македонските граѓани во Европската Унија е на рекордно ниско ниво, покажува Анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ, изработена од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“.

-Ние ова го следиме седум години секоја година по ред. Она што може да се заклучи е дека за поддршката на луѓето за влез во ЕУ е на рекордно најниско ниво, односно последниве три години го држи дното со горе-долу некои статистички незначителни разлики. Тоа е едната работа и тоа е она што го констатираат и другите истражувања – изјави Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија.

Тој нагласи дека поддршката за уставни промени останува да биде ниска, 65 проценти од популацијата е против уставни промени, а кај етничките Македонци противењето на уставни измени е 80 проценти, што, вели, е исклучително висок податок.

-Интересна информација е дека поддршката за Берлински процес, договорите за мобилност, односно третирање на Балканот како еден регион и во таа смисла регионалната свест дека треба да се соработува и единствено така можеме да успееме е значително голема, односно мнозинството луѓе веќе стабилен период ги поддржуваат овие политики – рече тој.

Во однос на тоа кои се причините за ваквите резултати, вели дека причините секако не произлегуваат од истражувањето на сите тие причини, меѓутоа разочараноста е дека процесот на преговори не дава резултати .

-Дополнително, процесот е искомплициран со новата методологија за проширување што иако е донесена пред две години е далеку од операционализирана и со тоа само придонесува кон дефетизмот, разочараноста кај луѓето бидејќи досега не води догледно никаде. Се разбира дека Преговарачката рамка е значителен фактор во евроскептицизмот бидејќи не се заснова на чистите Копенхашки критериуми и наметнува дополнителни парекселанс услови за земјата. Тие се во суштина оние две главни причини – нагласи Трошановски.

Директорот на Канцеларијата на „Конрад Аденауер“ во Македонија Даниел Браун, истакна дека оваа анализа е одлична можност да направиме анализа со резултатите што сме ги имале од ваквите истражувања и претходно, но изрази жалење дека во земјава општото мнение за тоа како се одвиваат состојбите не оди баш во најгорна линија, и покрај тоа што факторите за ваквото мислење се и внатрешни и надворешни.

Анамарија Велиновска од Центарот за европски интеграции при Институтот за деморкатија, рече дека истражувањето оваа година се одвивало во два прашалници, првиот прашалник е истражување што се следи од 2014 година, со цел да ги следиме трендовите меѓу граѓаните за нивната согласност за членство во ЕУ.

-Оваа година 64 проценти од граѓаните се за членство во ЕУ, доколку следната недела би се одржал референдум, што е за четири проценти помалку од 2021 година, кога 68 отсто од граѓаните се согласиле за членство во ЕУ. Вториот прашалник се однесува на актуелните политички случувања и како тие го одвлекуваат јавното мислење на граѓаните. Во овој прашалник оваа година ја споменавме и војната во Укриана, како глобален политички настан и мнозинството граѓани сметаат дека Русија реагирала на провокациите на НАТО, и нема за цел да ја освои Укрина, исто така мнозинствоот грашани сметаат дека преговори, а не победа за Русија или Украина се решение за војната во Украина – рече таа.

Во однос на уставните измени, кажа Велиновска, речиси две третини од граѓаните не се согласуваат со уставните измени за вклучување на бугарското малцинство во Уставот.