Апасиев до Ковачевски: Нижите пораз до пораз, со Грција, со Бугарија, па и со ДУИ во сопствена Влада

  • Извадок од говорот на Пратеникот Димитар Апасиев, кој на пленарната Седница зборуваше за „успесите“ на СДСМ кои ги нарече башибозлук, полупротекторат и етно-национален грабеж.

„И на крајот вашиот сервилен менталитет, замолчувате пред странците од колективниот запад, а дома воведувате вазална и лузерска политика. Нижите пораз до пораз, пораз со Грција, пораз со Бугарија, па ако сакате и пораз со ДУИ во вашата сопствена Влада во која што си станавте сопствено малцинство.

Премиер кој не ги контролира клучните ресори, школство, здравство и финансии не е Премиер, вас ви остана само Министерството за Екологија. И конечно, под плаштот на европеизација воведувате анти-македонска политика, бугаризација и косоваризација, наместо европеизација. Воведовте либанизација на Македонија или бејрутеизација на Скопје од дваесет ресори десет се македонци десет се албанци, правичната застапеност отиде во неповрат.

Во западна Македонија ќе градите автопати во источна Македонија ќе градите селски, локални и регионални патишта. Воведовте рамковна тиранија на малцинството. Со илегална двојазичност, со енклави кои не плаќаат даноци, кои не плаќаат струја, кои не плаќаат вода и комуналии. Еден германски политиколог за нашиот систем вели дека е единствен во вселената со еден парламент а две влади! Има обратни системи со два парламента а една влада, но ваков хибриден режим не постои во светот.

Воведовте башибозук, сатрапија и полупротекторат, воведовте образец на етно-национален грабеж, разградување на парламентарниот систем, парламентарна држава не постои, постои паралелна држава во држава. Воведовте државни функции со подзаконски акт како типот на прв вицепремиер, преименувате улуци и школи без бадентер, двојазични полициски униформи без закон. Меѓутоа вашите денови се избројани премиере!“