Промоција на „Детелинки-белинки“: современи бајки од Македонија

Новата книга за деца „Детелинки-белинки: современи бајки со четири листенца“, која содржи шеснаесет современи бајки од 15 македонски автори, ќе биде претставена на 12.02 (недела), со почеток во 13 часот, во „Кафе Литература“ во „Ист гејт мол“. На настанот, кој е во рамките на „Денови на литературата“, кон книгата ќе се осврне уредничката Оливера Ќорвезироска, а во продолжение групата автори ќе потпишуваат примероци.

Изборот на бајките во оваа збирка е направен од пристигнатите материјали на конкурсот за новосоздадени бајки на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“, спроведен во 2020 година. Приказните се наредени во четири циклуси – како четири листенца на „среќната“ детелинка. Во книгата се застапени бајки од нови, но и од веќе етаблирани автори меѓу кои и „Авантурите на Трепколетка“ на Весна Кираџиева која промцијата ја најави преку својот видео покана до сите читатели. Меѓу останатите автори се јавуваат: Билјана Станковска, Владо Димовски, Анета Ристеска, Клементина Петрушевска, Мартина Дукоска, Светлана Дарудова, Анита Димовска, Биљана Стојановска, Ана Ѓорѓевиќ, Марија Ралповска, Мимоза Тодоровска, Владо Јаневски, Алма Растодер, и Ана Гаштарова.