Нова „бомба” на Лидер!: Рашковски знаел дека не смее да разговара со Леонардо, но инсистирал М-НАВ да го протне тендерот
Порталот „Економски Лидер“ објави нова аудио снимка од разговорот кој се водел помеѓу генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, и претставници од италијанската компанија „Леонардо“, во врска со тендерот за набавка на радарски систем.
Како што објави „Лидер“ аудио снимката била доставена до нив од страна на свиркач, а на мемориски стик. Како што пишува порталот снимката содржи „нови компромитирачки материјали кои даваат индиции за кршење на закони на Република Македонија и правила на ЕБРД“.
Од „Лидер“ велат дека на снимката освен гласот на Рашковски се слуша и гласот на тогашниот технички директор на М-НАВ Климент Чапуњовски и директорот и претседател на управниот одбор на компанијата Николче Тасески. Според „Лидер“, Рашковски знаел дека според правилата тој не смее воопшто да разговара со компанијата „Леонардо“, „затоа што во моментот на состанокот се уште тендерот официјално не е добиен.“
„Генералниот секретар на владата, Драги Рашковски, бил свесен дека не смее да разговара со компанијата „Леонардо“ околу јавната набавка за М-НАВ – затоа што тендерот се уште не бил комплетиран – но и покрај тоа инсистирал состанокот да се одржи“, пишува „Економски Лидер“.
Чапуњовски според снимениот материјал, му укажува на Рашковски дека не може да се прави записник за состанокот со компанијата „Леонардо“, затоа што тоа е против правилата на Банката (н.з се мисли на Европската Банка за Обнова и развој – која го финансира проектот). На неговата реакција се надоврзува и директорот Тасески.
– Ние не смееме да разговараме со нив пред да се прати „Letter of Award” (н.з. писмо со кое се потврдува дека компанијата го добила тендерот) – му вели Тасески на Рашковски.
На ова, Рашковски, свесен дека е во центарот на нелегална активност, на Тасески му вели.
-Потивко, хахаха!
Во вториот дел од снимката се слуша како тој пред претставниците на „Леонардо“, им наложува на претставниците на М-НАВ за „три дена“ да ја завршат работата и кршејќи ја одлуката на владата да се распише нов тендер, им наложува да го протне истиот затоа што „така се правело сегде во светот“.
Откако се слуша негодување од страна на Чапуњовски околу постапката и временската рамка, Рашковски со висок тон му вели да не го „дрибла“ и да ја заврши работата.
-Немојте да ме дриблате, и така правите работи кои што се предмет на истрага. – заканувачки им вели Рашковски на Тасески и Чапуњовски, свесен дека постои истрага за тендерот кој пробува да го протне.