Македонија на 85-то место на индексот за перцепција на корупција објави Транспаренси интернешнал
Македонија се најде на 85 место од 180 светски држави според Индексот за перцепција на корупцијата за изминатата година. На листата што секоја година ја објавува Транспаренси Итернешнел, Македонија и понатаму останува една од најлошо рангираните држави во регионот.
Имено, со 40 поени, на скалата каде 0 е најкорумпирана, а 100 е најмалку корумпирана, земјава изминатава година напредувала само две места во споредба со претходното рангирање. Во споредба со лани Индексот е зголемен за еден поен.
Пред Македонија на листата се наоѓаат Словенија (41 место), Грција (51), Хрватска (57), Црна Гора (65) и Бугарија (72) и Косово (84). Полошо рангирани се само Србија и Албанија (101) и Босна и Херцеговина која е најлошо пласирана во окружувањето (110 место).
Во светски рамки, годинава Данска, Финска и Нов Зеланд повторно се најдоа на врвот како најмалку корумпирани држави. Данска е прва со 90 поени од можни 100, додека Финска и Нов Зеланд го делат второто место со 87 поени. Во првите 10 најмалку корумпирани држави се уште и Норвешка, Сингапур, Шведска, Швајцарија, Холандија, Германија, Ирска и Луксембург.
За најкорумпирани земји во светот, според Транспаренси Интернешнел, се сметаат Сомалија, Сирија и Јужен Судан, кои се на последните три позиции.
Во последните пет години најголеми позитивни поместувања биле регистрирани кај Ангола (+14 индексни поени), Малдиви (+11) и Виетнам (+9), додека најголеми назадувања се забележуваат кај Велика Британија и Канада (-7 индексни поени), Пакистан и Малезија (-6).