САД отвараат нови воени бази околу територијата на НР Кина

Филипинските власти ги објавија локациите на четирите воени бази што ќе им бидат отстапени на САД во рамките на проширениот одбранбен сојуз за кој аналитичарите сметаат дека е насочен директно против НР Кина. Три од базите се на северниот остров Лузон, близу до Тајван, а четвртата е во јужната провинција Палаван, на брегот на Јужнокинеското Море.

Овој проект е започнат за време на администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама, тогаш САД одобрија воено присуство во јужниот Пацифик, пред сѐ во Австралија. Во 2014 година Вашингтон и Манила го потпишаа договорот за зајакната одбранбена соработка (ЕДКА), кој на САД им овозможува да ротираат трупи низ девет воени бази на филипинските острови, вклучувајќи ја и онаа на стратегиски важниот остров Балабак, близу Јужнокинеското Море.

„Новите бази ќе ја зајакнат координацијата на американските и филипинските оружени сили и ќе ни овозможат поединствено да се соочуваме со заедничките предизвици во Индо-пацификот, вклучувајќи ги и природните и хуманитарните катастрофи“ – изјави претставничката на Пентагон, Сабрина Синг.

Филипинскиот секретар за одбрана Карлито Галвез Хуниор ги опиша базите како „стратегиски, особено онаа на Балабак“. Галвез објасни дека Балабак е близу до главните поморски линии во Јужнокинеско Море и до водите за кои Филипините и НР Кина имаат територијален спор. Островот е близу и до гребенот Мисчиф.

Аналитичарите објаснуваат дека присуството на Балабак овозможува собирање информации и воздухопловни и поморски активности во регионот преку кои ќе се надгледуваат и ќе се контролираат кинеските активности во тој дел од земјата.

Маринскиот корпус на воружените сили на САД претходно отвори нова база на Гвам – стратегиски остров источно од Филипините. Таму ќе бидат стационирани околу 5.000 војници и офицери.