Ванковска: Уставот ни е бетер од фустанот на Пепелашка, крпеница до крпеница

  • Уставот ни е бетер од фустанот на Пепелашка, крпеница до крпеница, а хрватскиот модел е само замајување на јавност бидејќи “тепачката” е за пратеници, не за модели за промена на Уставот, напиша професорката на филозофскиот факултет Билјана Ванковска. Во прилог ви ја пренесуваме нејзината објава во целост.

“Читам расправи за најавената уставна промена и се нервирам. Ова веќе не е време за академска или стручна дебата. Помина тоа време. И фелата беше поразена – и на академски и на морален план.

Прво, Уставот ни е бетер од фустанот на Пепелшака. Крпеница до крпеница. Секој минувач може да побара да се смени под принуда, и ние ќе клекнеме заради „повисоки вредности“ или ЕУ бајка. Кога еднаш ќе го направиш тоа, после ти станува навика. Затоа, не очекувам изненадувања. Ова може да биде последниот клинец во мртовечкиот ковчег на Македонија каква што ја знаевме или посакувавме.

Второ, македонскиот народ (иако напишан погрешно со голема буква во Преамбулата, демек М ќе ни го отстрани пелинот) одамна не е конститутивен НАРОД. Во консоцијациски модел, државата е заедница на заедници (етнички во случајов), па така Македонците уште во 2001 капитулираа и ја споделија државноста со Албанците (третите се само привезок). Дури и ако тоа експлицитно не го пишува – механизмот на владеење е конструиран и функционира во пракса согласно барањата на консоцијацијата (power sharing). Таков е и изборниот модел. Менувањето на неговата логика би било повод за нов внатрешен бунт. Впрочем, Уставот е „заштитен“ дури од обиди за враќање кон граѓански модел со Бадинтеровото мнозинство. Затоа, тој е тврд устав, да потврд не може да биде. ќе станеме граѓанска држава (we, the people) тогаш кога тоа ќе го посака Груби со компанијата. (Али не го спомнувам како дел на старата гарда).