Апелација одлучи: Eкс градоначалникот на ВМРО-ДПМНЕ од Битола оди во затвор

Екс градоначалникот на Битола Владимир Талевски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ треба да се пријави во затвор, откако денеска Апелација по три години чекање донесе правосилна пресуда. Ќе има и конфискација на нелегално стекнати пари, во износ од над пола милион евра.

Поранешниот секретар на општина Битола Слободан Бончановски, исто така доби намалување на казната, па од шест години сега треба да одлежи 5 години и шест месеци.

За една година му е намалена првичната казна од поранешната судијка во Основниот кривичен суд Скопје Добрила Кацарска.

На обвинетите Ј.И., С.М., А.Ш., Д.Г., А.С., О.С., Р.Ј., Н.Д., Џ.М. за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување им изрече алтернативна мерка – условна осуда, така што им се утврдува казна затвор во траење од по 2 години и истовремено се определува дека утврдената казна затвор нема да се изврши, ако обвинетите во временски период од 5 години по правосилноста на пресудата, не сторат ново кривично дело.

Апелација ја објасни одлуката:

„Постапувајќи по изјавените жалби, оцени дека првостепениот суд не сторил суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка на кој се укажува во изјавените жалби и на кои судот внимава по службена должност, во пресудата се утврдени сите решителните факти во врска со времето и начинот на извршување на кривичните дела, дадени се причините за решителните факти, извршена е правилна анализа на сите изведени докази и донесената пресуда е јасна, разбирлива и може во целост да се испита. Воедно, како неосновани ги оцени жалбените наводи за погрешно утврдена фактичка состојба, а со тоа и за погрешна примена на материјалното право, од причина што првостепениот суд утврдил правилна фактичка состојба а врз основа на сите изведени докази во текот на постапката, правилно ги утврдил сите решителните факти за кои дал доволно образложени причини во образложението на обжалената пресуда и со еднакво внимание ги испитувал и утврдил како фактите што ги товарат обвинетите, така и оние што им одат во корист, при што правилно постапил судот кога поклонил верба на доказите кои се поклопуваат помеѓу себе и даваат целосна слика за настанот, а притоа имајќи ја предвид и одбраната на обвинетите со што донел јасна и разбирлива пресуда, во врска со кривичните дела и кривичната одговорност на обвинетите“, велат од Апелација.

Тие додаваат дека при донесување на пресудата ги ценеле сите околности.