Во ЕУ нема договор за ограничување на цените на руската нафта
Минатата недела весникот Политико напиша дека повеќето земји од ЕУ го поддржале предлогот за воведување ограничување на цената на нафтата од Русија на ниво од 65-70 долари за барел. Во исто време, Полска се залагаше да се постави лимитот на 30 долари.
Како што подоцна објави весникот „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на европски дипломат, таквиот предлог од Варшава може да го наруши единството во Европската унија.
Владите на Европската унија вчера не успеаја да се договорат за ограничување на цената на руската сирова нафта, бидејќи Полска инсистираше на границата да биде пониска од онаа што ја предложија земјите од Групата Г7, и на тој начин да се „намали способноста“ на Москва да ја финансира интервенцијата во Украина.
„Нема договор. Текстот на законот е усогласен, но Полска се уште не може да се согласи со цената“, изјави неименуван дипломат.
Се’ уште не е одреден ниту нов датум за разговорите, иако механизмот за ограничување на цената треба да стапи на сила на 5 декември.
Доколку до следниот понеделник нема договор за идејата за ограничување на цената, ЕУ ќе ги примени построгите мерки договорени на крајот на мај – забрана за увоз на руска сирова нафта од 5 декември и нафтени деривати од 5 февруари, велат полските дипломати.
Унгарија и две други централноевропски земји без излез на море обезбедија нивно изземање од одлуката.
Државите од Групата Г7 предложија ограничувањето на цената да биде меѓу 65 до 70 долари за барел, но Полска и некои други велат дека тоа нема да и наштети на Москва бидејќи руската нафта веќе се тргува под тој опсег со 63,50 долари.