ДИК прифати еден приговор на „Вреди“, ќе се прегласува во Желино

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница на која ги разгледува приговорите од партиите поднесени во врска со парламентарните избори кои се одржаа на 8 мај, прифати еден приговор на коалицијата „Вреди“ кој се однесува на гласањето на избирачкото место 2102 во Желино.

Како што пишува во приговорот, тој е поднесен бидејќи 110 гласачи кои го оствариле избирачкото право немале отпечаток од прст во уредот за отпечаток од прст, туку тие гласале само со матичен број и со скенирање на личната карта.

ДИК го одби вториот поднесен од коалицијата „Вреди“ кој се однесуваше на избирачкото место 1953 во Тетово – шестата изборна единица. Како што пишува во приговорот, тој е поднесен бидејќи 125 граѓани кои го оствариле избирачкото право немале отпечаток од прст во уредот за отпечаток од прст, туку тие гласале само по матичниот број и скенирање на личната карта.

Даштевски истакна дека по направените проверки не биле утврдени никакви неправилности и предложи приговорот да се одбие како неоснован. Приговорот беше одбиен едногласно.

Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Северна Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

До ДИК вкупно се поднесени 27 приговори од политичките партии, девет од коалицијата „Вреди“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица.

Од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, обинуваат дека македонските политички партии во координација со коалицијата „Вреди“ сакаат преку ДИК да ѝ одземат еден до два пратенички мандата.