АктуелноЛокално

„Студентски отпор“ незадоволни од договорот, во четврток повикуваат на масовен студентски марш

Младинската организација „Студентски отпор“ повикува на масовен студентски марш во четврток со почеток во 17 часот. Тие не се задоволни од крајниот исход и одлуките донесени на тричасовната средба во Собранието помеѓу премиерот, министерот за образование и претставниците на студентските собранија. Нивните барања се:

1.Издвојување на средства од буџетот за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно, како и тргање на сите предложени нови критериуми за исполнување на правото на субвенциониранот студентски оброк;

2.Издвојување на средства од буџетот за израмнување на сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите;

3.Издвојување средства за реновирање и обезбедување на нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање на „студентски градови” и стоп за најавената приватизација на студентските домови;

4.Издвојување доволно средства за изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја.

Со оглед на тоа што единственото барање кое се прифати е повлекувањето на измените на Предлог-законот за студентски субвенциониран оброк, најавуваме дека нема да отстапиме сѐ додека итно не се реализираат и останатите наши барања и ве повикуваме во четврток (17.11.2022), на Меѓународниот ден на студентите, на масовен студентски марш од 17:00 часот.

Маршот ќе започне од Министерството за образование и наука и заедно ќе се упатиме кон Собранието на Македонија, се вели во повикот.

Од „Студентски отпор“ ги повикуваат сите студентски организации, универзитетските и факултетските студентски собранија, професори, здруженија и невладини организации да се придружат во борбата.