Од „Студентски отпор“ се незадоволни од договореното во Собранието, најавуваат масовен студентски марш в четврток

„Студентски отпор“ – организаторот на вчерашниот протест пред Собранието, не е задоволен од договореното на средбата во Собранието меѓу студенти – претставници на универзитетски собранија со пратеници и министерот за образование и наука и повика на нов протест в четврток.

„Јавно соопштуваме дека не сме задоволни од крајниот исход и од одлуките кои се донесоа.

Ние како студенти остануваме на нашите барања:
1. Издвојување средства од буџетот за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно;
2. Издвојување средства од буџетот за израмнување на сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите; 3. Издвојување средства за реновирање и обезбедување нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање „студентски градови” и стоп за најавената приватизација на студентските домови;
4. Издвојување доволно средства за изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја, објави синоќа „Студентски отпор” најавувајќи нов протест за 17 ноември.

Студентски отпор” во реакцијата наведува дека единственото барање кое е прифатено на средбата е повлекување на измените на Предлог-законот за студентски субвенциониран оброк и дека, поради тоа, нема да отстапат „сѐ додека итно не се реализираат и останатите барања”.

„Ве повикуваме во четврток, на Меѓународниот ден на студентите, на масовен студентски марш од 17 часот. Маршот ќе почне од Министерството за образование и наука и заедно ќе се упатиме кон Собранието на Македонија. Ги повикуваме сите студентски организации, универзитетските и факултетските студентски собранија, професори, здруженија и невладини организации да се придружат во нашата борба”, објави „Студентски отпор”.