Колариќ: Нема потреба да се биде експерт за да разбереш што е лоша политика

  • Став на Јулијана Штрковска-Колариќ, Координатор на Левица – Сектор Финансии

Не можеме да бидеме сите архитекти, па да знаеме што се крие во секој изменет ДУП. Само гледаме како растат огромни зданија на секоја зелена површина.

Не можеме сите да бидеме економисти, за да сфатиме што се крие во бројките на буџетот. Само гледаме дека власта нѐ доведе во должничко ропство и дека не може да ги одржува капиталните проекти, а да изгради нови – тоа е научна фантастика.

Не можеме сите да бидеме правници и да знаеме што се крие во измените на законските одредби, а уште помалку во Деловникот на Собранието. Ќе си рече некој, големо чудо, Деловник нов ќе усвојат, за да сфатиме еден ден, дека со тој Деловник ќе си носат какви сакаат и колку сакаат закони по нивна волја и никој нема да може да им се спротивстави, затоа што тој Деловник укинува филибастеринг.

Сега никој нема да може да блокира штетни закони кои власта постојано ги протнува со злоупотреба на европското знаменце.