Стручната фела против продажбата на Мауцкер

  • Соопштение на Левица – ЛО Охрид

По обелоденувањето на скандалозната одлука на градоначалникот Кирил Пецаков – Градоначалник на Општина Охрид за продажба на Мауцкер по цена од 70 денари за метар квадратен, реагираше и стручната фела.

Неколку граѓански здруженија, археолози, туристички водичи, ја поддржаа иницијативата на советникот на Левица, Виолета Аврамоска, за повлекување на спорната точка од дневен ред на 15 Седница на Советот на Општина Охрид.

Тие реагираат дека Мауцкер претставува археолошки локалитет, каде се наоѓал античкиот град Хермелеја, што е утврдено со истражувањето на Завод и музеј Охрид, во 1974 година.

Според тоа, Мауцкер, како археолошки локалитет, ниту смее да се распродава, ниту пак таму може да се гради.

Сите реагираат, само оние кои се најкомпетентни да се произнесат, Завод и музеј Охрид, молчат.

Зошто молчат од Завод и музеј Охрид и зошто одобруваат продажба на археолошки локалитет за интересите на урбаната мафија и профитерите од власта?

Ги повикуваме Завод и музеј Охрид, јавно да се произнесе во врска со оваа скандалозна одлука на градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Го повикуваме претседателот на Совет Сашо Донев да не манипулира со жителите на Охрид и да достави нов Дневен ред за закажаната седница во петок, од кој ќе биде тргната точката за продажба на некогашното стрелиште Мауцкер.