Богевски: Младите посегнуваат по наркотици во време на сиромаштија и економски кризи

  • Пишува Круме Богевски – Член на Црвена Младина и Советник во Општина Кавадарци

Во историјата, при секоја подраматична економска криза (како актуелнава) се јавувале нови наркотици во функција на прибежиште, утеха и потенцирање на општествена супериорност преку порок.

Пред недела-две слушнав за Туси, розевиот кокаин, 2С (tusi/ two C) кој потекнува од Јужна Америка, но со развојот на економската криза пост Ковид пандемијата се актуелизира и во Европа. Била забележана во неколку градови во Шпанија, потоа во Австрија, а последно и во Србија!

Зошто се шири? Затоа што е ефтина и изгледа примамливо за сиромашните тинејџери кои веруваат дека преку наркотици ќе покажат доминација меѓу врсниците.

Кога прв пат излегол на пазарот, бил продаван со приказната дека е дрога на богатите, на моделите и на менаџерите. Приказна која често пали кај сиромашните млади кои живеат на флекс.

За 2С се знае уште од 2010 година кога во оригиналниот состав била присутна и психоделичната дрога 2С-В со која се постигнува халуциноген ефект од 4-12 часа. Сепак тоа што денес се продава на црниот пазар под името Туси најчесто е мешавина на неколку ефтини синтетички наркотици од аматерски производители.

Да, инаку “розевиот кокаин“ нема врска со кокаин и всушност претставува мешавина од MDMA, кетамин, прехрамбени бои и ароми, па затоа и е доста поефтин од останатите прашкасти материи од кои се истакнува поради впечатливата розева боја и арома на јагода.

Замислете, тоа што до сега било запленето е анализирано и откриено е дека “производителите“ додаваат екстремно мали количини на MDMA, кетамин или било што имаат на залиха, полнат со кофеин до посакуваниот волумен (затоа што продаваат грамажа), го дотеруваат изгледот и вкусот со бои и ароми и го продаваат на младите.

Страшен бизнис? ДА! Во август, дури 440,000 евра биле запленети од дилери кои продале 13 килограми Туси на островот Ибица!

Распространувањето на Туси во Македонија е неизбежно затоа што знаеме во каква држава живееме, очигледно грото на вработените во јавните институции кои треба да го спречат производството, навлегувањето и ширењето на дрогата во државава се потплатени или лесно можат да бидат потплатени. Видовме што се случуваше последниот викенд на граничниот премин Табановце.

Доминацијата на синтетичките дроги на пазарот над растителните дроги (канабис, кокаин и хероин) беше очекувана затоа што се полесни и побрзо се произведуваат во поголем волумен, но како примерот со фентанил, може да бидат непредвидливи и летални!

Внимавајте! Децата на сиромашната и средната класа (ако се уште постои) се целна група на дилерите кои ја шират оваа дрога! Системот ги уништува младите, не им дава амбиција, ниту пак мотивација за напредок во образование и кариера. Токму спротивното, ги демотивира и како единствен начин за истакнување младите ги гледаат пороците, коцката, брзите кредити, дрогата, ноќниот живот, алкохолот, автомобилите, часовниците, облеката и останатите незначителни површни нешта!

Воспитајте си ги синовите и ќерките, најпрво преку своите постапки, а потоа и советувајќи ги за тоа како нивните постапки оставаат траг засекогаш!

Покажете им што е навистина важно, затоа што доколку не се свесни, ќе живеат во заблудата дека е важно тоа што им е прикажано од социјалните мрежи и медиумите!