„Збогум“ за американскиот петродолар

Ден по повлекувањето на Бајден од Авганистан, Саудијците почнаа преговори со Русија и Кина. „Кога Саудиска Арабија официјално ќе се приклучи на БРИКС, доларот ќе заврши“, твитна бизнисменот и најпродаваниот автор на Њујорк Тајмс, Роберт Кијосаки.

Сојузот меѓу САД и Саудиска Арабија, кој траеше околу 80 години, е сериозно разнишан и тешко е да се замисли дека може да се врати на старото ниво, дури и ако не беше дополнително оптоварено со лошите лични односи на лидерите на овие земји, Бајден и Мухамед бин Салман.

„Вашингтон пост“ предупредува на тоа дека во Вашингтон се заострува реториката спрема Саудиска Арабија, и дека се подготвуваат „низа казнени мерки против кралството“, кое како дел од ОПЕК+ се осмели да го намали производството на нафта, наместо да го зголеми, како што наредија САД – со што таа „ја поддржа воената машина на рускиот претседател Владимир Путин“, а дополнително го понижи Бајден и ги поткопа шансите на неговата партија пред претстојните избори за Конгресот. Затоа што цената на нафтата наместо да се намалува, ќе расте. Како одговор на заострената реторика на Вашингтон, саудиски официјални лица велат дека би можело кралството да ги продаде американските државни обврзници доколку Конгресот усвои анти-ОПЕК легислатива.

Колку е сериозна ситуацијата најави и јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса  при неодамнешната посетата на Саудиска Арабија, каде најави сериозен геополитички пресврт.

Рамафоса откри дека Принцот Мохамед бин Салман „ја изразил желбата на кралството да се приклучи на БРИКС“. Со самитот на БРИКС во 2023 година ќе претседава токму Јужна Африка и тогаш ова барање ќе биде официјално претставено. И неколку други земји се во контакт со БРИКС и ги уверивме дека ќе се разговара за прашањето за прием и ќе се донесат соодветни одлуки истакна Рамфоса.

Најавата за пристапување на Саудиска Арабија кон БРИКС претставува голема опасност за доларот, токму затоа што БРИКС уште од своето основање гради институции чија цел е постепено да го замени целиот инструментаријум на Светска банка и ММФ, односно да се изгради алтернатива на овие институции во кои доминираат САД. На последниот самит на БРИКС беше формирано ново работно тело во кое беа собрани најважните финансиски експерти од неговите членки, со задача стратешки да дизајнираат како дополнително да ја зајакнат финансиската и монетарната независност од доларот и западните финансиски центри на моќ. Во оваа смисла, излегувањето на Саудиска Арабија од магичниот круг на продажба на нафта за долари, како и преоѓањето кон трговија со национални валути меѓу Русија и Кина, која достигна 136 милијарди долари во првите девет месеци од оваа година, што е скок за над 30% на годишно ниво, и се планира да достигне до 200 милијарди долари оваа година, ќе претставува важен чекор кон забрзување на процесот на дедоларизација на светската економија.

Според најновите податоци, презентирани минатиот месец од рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, има дури околу 15 земји кои изразиле желба да се приклучат на механизмот на постојано проширување и продлабочување на соработката меѓу Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка (БРИКС).  А тоа се, прецизира кинескиот „Глобал тајмс“, „земјите кои се заситени од САД кои го користат својот доминантен долар за да ја наметнат својата хегемонија.

И на крај, Универзитетот во Кембриџ годинава објави опсежна студија со наслов „Дали БРИКС може да го дедоларизира глобалниот финансиски систем?“. По сеопфатна анализа на активностите на БРИКС од 2009 до 2021 година, одговорот беше: ДА!

Доларот стана петродолар во 1974 година и доаѓа времето кога ќе му се каже „Збогум“.