(Видео) Отфрлањето на иницијатива за референдум е пленумско, а не спикерско овластување

▪️ Процедурално обраќање на пратеникот Димитар Апасиев:

„Кога имате достава на Иницијатива за референдум на државно ниво, вие како претседател, сте овластен формално-правно да испитате дали иницијативате е уредна или пак не. Други ингеренции немате! Според член 191, став 1 од Деловникот на Собранието, претседателот ја доставува до Законодавно-правната комисија и Комисијата за политички систем.

Вториот чекор е тие да произнесат мислење во кое ја оценуваат уредноста на иницијативата. Под претпоставка дека ви дале негативно мислење, на основа на чл. 191, ст. 2, ако претседателот утврди – следејќи го мислењето на двете комисии – дека иницијативата е неуредна, прашањето во врска со иницијативата го става на Дневен ред на следната седница на Собранието. Знаете зошто е ова вака?

Отфрлањето е сериозно прашање, бидејќи се работи за врховно право на граѓаните! Пред Собранието се граѓаните како врховен суверен од кој потекнува суверенитетот. Тие одлучуваат, и затоа, Деловникот отфрлањето го третира како пленумско овластување, не како спикерско.

Кој е следниот чекор? Собранието, не вие, со заклучок утврдува дали иницијативата е уредна или не. Заклучок, претседателе, а не обично известување“