Занаетчиите бараат субвенции

Занаетчиите да добијат субвенции од државата и да се сметаат како потрошувачи на струја во категоријата „домаќинства“, бара Занаетчиска комора Скопје за полесно пребродување на енергетската криза.

Комората предупредува дека секторот е во криза и информира дека побарала од Владата субвенционирање на дел од сметките за потрошена електричната енергија за занаетчиите од октомври 2022 до мај 2023 година. Доколку не се субвенционираат занаетите на кои им е потребна подршка во овој период, потенцира Комората, голем дел од нив ќе престанат да вршат дејност.

Енергетската криза влијае негативно на целиот занаетчиски сектор, целиот сектор е во криза зашто ресурсите, струјата и репроматеријалите се поскапени, како и поради негативното влијание на дефицитот на стручен кадар.

Занаетчиството е сектор каде функционираат бизниси како самостојни вршители на дејност но и бизниси кои имаат вработени и на кои им е неопходнo олеснување на трошоците за електрична енергија затоа што се потрошувачи на електрична енергија во процесите на вршење на занаетчиска дејност.

Занаетчиите ја користат електричната енергија како ресурс за вршење дејност – вклучување на алатот за работа, затоплување и ладење на занаетчиските работилници, наведува Занаетчиската комора.

Според Комората, во тарифниот систем на продажба на електрична енергија на потрошувачите, занаетчиите регистрирани согласно Законот за занаетчиство треба да се изземат од тарифата „останата потрошувачка” и да влезат во тарифата за домаќинствата, а не да се тарифираат во категорија „останата потрошувачка“ со која се израмнети и со најголемите индустриски гиганти.