АктуелноИнтернационално

86 години од почетокот на Шпанската револуција

  • Објава на Левичарскиот институт „Рацин“

На денешен ден, 19 јули 1936 година започна военото востание во Барселона, главниот и најголем град на Каталонија, против фашистичката шпанска армија која го поддржа пучот против легално избраната власт на републиканците.

Овој ден се смета како почеток на Шпанската револуција, позната уште и како „Шпанска граѓанска војна“, како вооружен судир помеѓу републикаците како бранителите на легално избраната влада, зад која стоеле левичарските сили и во прв ред, револуционерното работништво и селанство, и наспроти нив, воената хунта предводена од генералот Франциско Франко, поддржана од владејачки класи како земјопоседничката аристократија, капиталистите, монархистите, клерот и останати профашистички елементи. Во однос на овој воен судир, повеќето држави од Европа и светот, обединети околу Друштвото на народите, завзеле став за немешање во конфликтот.

Земји како Франција, Велика Британија и САД стриктно се придржувале до прокламираната неутралност и во еден момент не се потрудиле да ѝ помогнат на републиканската влада во Шпанија. Додека, фашистичка Италија и нацистичка Германија, кои начелно, исто така, ја поддржале неутралноста, во пракса директно ги помагале воените сили на Франко.

СССР и Мексико биле единствените земји кои отворено ги помагале републиканските сили.

Во борбата против меѓународниот фашизам, во рамките на интернационалните бригади во Шпанија, се вклучиле и борци од Македонија. Тие, како и останатите припадници на меѓународното работничко, револуционерно и антифашистичко движење, борбата на шпанскиот народ ја гледале истовремено и како борба за слобода на сопствениот народ. Обесправените народи, како Македонците во тоа време, верувале дека националната и социјалната борба одат заедно, а нивниот краен успех неминовно зависи од заедничката борба со останатите народи.

Македонски учесници во Шпанската граѓанска војна

Македонските борци во Шпанија, најчесто, доаѓале доброволно, преку каналите организирани од страна на Коминтерната и комунистичките партии на земјите каде престојувале. Македонските доброволци стигнувале до фронтот во Шпанија преку Комунистичката Партија на Југославија, која тогаш била во илегала.

Според податоци од најразлични истражувачи, во Шпанската револуција на страната на републиканците, од триде делови на Македонија, учествувале околу 130 доброволци. Најпознати меѓу нив се: Алексо Демниевски – Бауман, Цветко Узуновски, Ганчо Хаџипанзов, Елисие Поповски и Кирил Ќамилов. Спас Банџов, Трајко Мишковски, Иван Дојчинов, Боро Поцков, Урфи Аголи, Трифун Бузев, Тане Наумов, Димитар Тодоров, Борис Атков, Владимир Арсовски, Ангел Димов, Петар Калe и многу други. Од нив околу половина го положиле животот во борбата за ослободување на Шпанија.

Во продолженије ви ја пренесуваме и малку познатата Рацинова „Испанска балада“, напишана токму во чест на шпанската револуција и борците против фашизмот:

Над Мадрид оловното утро беше легнало како камен.
Тежеа оч[н]ите капки и душеше од неспање здихот
И храбрите борци ги мамеше слатката дремка.
Ох, само малцишко сон. Два дена клепките тежат
Малцишко само. А после напред!
На црниот крвав змеј! Црна крвава смрт!
Но око не трепкај. И крепки вие до око стојте!
Другари будно другари: На штрек!
На Франка дивите орди дошле дури пред Мадрид.
Не! Не! Нон пасарон! И нема да поминат они,
У река от топла крв нека се издават сите,
Но навакај не! На Мадрид земјата е света.
Така тој у таја утрина тешка ги храбреше борците морни
И со сипкав глас даваше наредби последни.
Додека смрта от далеку му шепнуеше думи страсни
И тој со топлиот глас милуеше ухото немо
Таја утрина си Ганчо веќе мој!
И падна тој!
Со коскини раци сакаше да го загрне смрта
Но тогај светата земја на Мадрид му разгрна страсните си гради
целуна го, крепко притисна и милно му шепна:
Другар! Другар на клетата македонска сестра!
Другар, не умре ти и нема за тебе смрт!
Тука у градите мои бесмртници лежат!
И тие и овиа. И тиа далеку до и двата брегови на Вардар
за слободата на милата си земја што паднаа по полињата бескрајни.
Другар и тиа и овиа и ти ела,
Ела у таја наша страсна ноќ да те загрнат моите гради.
А утре другар мил и непознат, утре е слободата наша,
Милионите ни идат на гости утре слушаш ли другар ох, послушни
милиони идат со песни и бајраци црвени носат
А на бајраците чекан и срп и името ваше бесмртно!
Мртов е за довек црниот фашизам, крвавиот црн змеј!
Слобода! Слобода! Над земјата се вее и знамето црвено.